ВИДЕО: Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров, ќе бара средба со Заев

Од Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров која викендов по втор пат организираше протест против изградбата на нови згради во Општина Ѓорче Петров велат дека ќе побараат средба со премиерот Зоран Заев, бидејќи средбата која ја имале пред неколку месеци со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не ги дала очекуваните резултати.

Горан Костов од Иницијативата денеска во Утрински брифинг рече дека жителите излегле на протест поради спорниот урбанистички план  СЗ 20 Хром кој предвидува изградба на сто нови згради.

-Со изградбата на новите згради во Хром ќе се населат околу 15.000 жители, а со тоа ќе се оптерети и сообраќајот за околу 7.000 нови возила. Покрај тоа, потешкотии ќе има и со уписот во училиште и градинка, а проблем ќе се појави и со водоводната и канализационата инсталација. Исто така зголемена е и бруто градежната површина на градба. Во ДУП-от е наведено дека се гради на 202.000 метри квадратни додека во новиот ДУП за Хром СЗ 20 површината за градба е 370.000 метри квадратни. Треба градоначалникот да објасни зошто ја зголеми градежната површина за 170.000 метри квадратни, вели Костов.

Тој напоменува дека засегнати се и други делови од Општината, а потсети дека неодамна протест организираа и жителите на населбата Дексион, поради планот за изградба на висококатници од 50 метри.

-За жал нашите барања не ги слушнаа ниту министерот Бочварски ниту градоначалникот Наумовски. Затоа ние планираме да побараме средба и со премиерот Зоран Заев, на која ќе му укажеме дека се соочуваме со опасност од нехумано домување. Сакаме да најдеме заедничко решение од кое ќе бидат задоволни и жителите и општината, додава Горан Костов од Иницијативата против урбаното дивеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот