ВИДЕО: Илјадници Руси се обидуваат да ја напуштат земјата од страв да не бидат однесени на фронтот

ФОТО-принтскрин- Руско - грузиска граница

Илјадници Руси се обидуваат да ја напуштат својата земја од страв да не бидат однесени на фронтот. Според руското министерството за одбрана, официјално треба да бидат повикани само 300.000 мажи кои немаат повеќе од 55 години и кои веќе служеле воен рок. Сепак, руските медиуми известуваат за случаи на постари мажи и мажи без армиско искуство кои исто така добиле повик за мобилизација.

Весникот „Новаја газета Европа“, кој е критички настроен кон владата, дури тврди дека планираниот број на воени обврзници кои треба да бидат мобилизарани е значително поголем до еден милион. Оттогаш врие котелот со гласини и шпекулации. Кремљ демантира. Луѓето се несигурни.

Токму во тој контекст деновиве има огромни гужви на сите гранични премини кои водат од Русија, а според последните информации моментално на границата со Грузија има колона возила долга 14 километри.

Според репортерката на Би-Би-Си, Рејхан Демитри, мнозинството мажи се во колоната долга десет километри меѓу Грузија и Русија.

Демитри во својот извештај кој го пренесуваат регионалните медиуми наведува дека колоната едвај се движи, па чекањето за минување на границата може да биде и 20 часа.

Покрај Грузија, голем број возила поминаа и преку граничните премини меѓу Финска и Русија.

Финска претпазлива околу давањето визи на Русите

Финскиот функционер, Меит Питканити, рече дека бројот на Руси кои пристигнале е повеќе од двојно зголемен во споредба со бројот на оние што ја преминале границата во текот на изминатата недела.

Претседателот на Финска и министерскиот комитет вчера предложија значителни ограничувања за издавање визи за руски државјани и влез во земјата.

Да потсетиме, иако првично беше најавено дека ќе бидат регрутирани 300.000 мажи кои се во воени резерви или имаат воено искуство, на првиот ден по прогласувањето на мобилизацијата, воената полиција почна да одзема студенти како и граѓани кои го не припаѓаат на споменатите категории. Поради ова во Русија владее општа паника и граѓаните на секој можен начин се обидуваат да ја напуштат земјата, па речиси сите летови во еден правец од Русија се распродадени, а цените на билетите нагло пораснале и сега достигнуваат сума од 10.000 евра.

ЕУ засега не ги сфаќа заканите на Путин со нуклеарно оружје?

Во меѓувреме високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека Европската унија (ЕУ) мора сериозно да ги сфати заканите на рускиот претседател Владимир Путин за тоа дека би можел да употреби нуклеарно оружје во судирот во Украина. Борел ова го изјави во време кога Русија почнува делумна мобилизација и се спрема да припои четири украински области каде што проруските власти организираат референдуми за приклучување кон Русија.

Жосеп Борел/ Фото EPA-EFE/CHRISTOPHE ARCHAMBAULT /

„Секако, ова е опасен момент затоа што руската војска е дотерана во ќош, а реакцијата на Путин, дека ќе употреби нуклеарно оружје, е многу лоша“, рече Борел.

Во обраќањето до нацијата претходно оваа недела, Путин рече дека неговата земја има „разно разорно оружје“ и дека „ќе ги употреби сите расположливи средства кои ѝ се на располагање“, додавајќи дека „тоа не е блеф“.

„Кога луѓето велат дека тоа не е блеф, мора да ги сфатите сериозно“, рече Борел.

Тој ја отфрли загриженоста дека залихите на оружје во ЕУ се ниски и рече дека Унијата мора да продолжи да ѝ пружа воена помош на Украина и економски санкции против Русија, како и да спроведува дипломатска активност.

Путин е соочен со порази на бојното поле, со руските сили потиснати во украинската контраофанзива.

Силите на Путин е во лоша положба, се согласуваат аналитичарите, но Борел рече дека мора да се дојде до „дипломатско решение“ кое го чува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Инаку, би можеле да ја завршиме војната, но нема да имаме мир и ќе имаме уште една војна“, рече Борел.

Тој призна дека порастот на цените на енергенсите предизвикан од војната е загрижувачки. Високиот претставник на ЕУ го повика Путин да ја одигра својата улога во постигнувањето решение преку преговори, додавајќи дека „за танго се потребни двајца“.

„Секој кој отишол во Москва, во Кремљ, да разговара со Путин, се вратил со истиот одговор – Јас (Путин) имам воени цели и ако не ги добијам тие воени цели ќе продолжам да се борам. Тоа секако е загрижувачка насока, но ние мора да продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Борел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот