ВИДЕО | Илиев открива: Ќе се снима ли филм за Тоше Проески

Дејан Илиев, продуцент / Утрински брифинг

Има еден феномен деновиве со филмот за Тома Здравковиќ, луѓе чекаат да купат билети за проекциите. Ние имаме една огромна регионална легенда којa, за жал, рано почина, но сѐ уште предизвикува огромен интерес. Зошто никој не се зафаќа да сними филм, барем документарец, го прашавме Дејан Илиев, продуцент и професор на ФДУ.

– Знам дека имаше иницијатива да се работи документарен филм, а и јас пред некоја година почнав со некои подготовки. Пред две години почнавме да разговараме со Соња и Огнен Неделковски, а добивме и начелна согласност од семејството. Филмот е тежок процес, особено на оваа тема. Продуценти вон Македонија се заинтересирани и мислам дека сме на добар пат да го реализираме, вели Илиев.

Ваквите проекти не се евтини. За каков буџет станува збор за еден ваков филм?

– Србија, Бугарија, имаат голем пазар и се вложуваат сериозни пари во снимање. Тие дури веќе немаат ни доволно луѓе, па голем број професионалци од Македонија работат во Србија каде има триесетина продуцентски куќи. Најмалку два милиона евра се потребни за да се сними добар филм за Тоше Проески. Нема да може да се реализира само како македонски проект, туку како копродукција, вели Илиев за „Утрински брифинг“.

Тешко е да се замисли кој актер би го преставил Тоше на филм, имајќи го предвид неговиот благ карактер, а тоа секако треба да биде некој млад актер.

– Размислуваме дали актерот мора да личи или да знае да пее. Обично се инсистира да се најде некој кој ќе личи, но не е нужно, треба актерот да го долови карактерот на Тоше. Имаме ние добри актери. Тука има една заблуда дека сите се родени за театар. Многу е важно што ќе му дадете на актерот како сценарио. Има и нови таленти. Кого и да избереме, само ликот на Тоше ќе треба да се подготвува една година, вели Илиев.

Има ли Македонија потенцијал за тип на серии како турските, кои стасаа до ниво речиси како Холивуд?

– Како директор на Агенција за филм инсистирав да се воведе финансирање на 3-5 филма годишно за да може да зборуваме за некаква кинематографија. Србија и во време на војна сними 8 филма. Турција извезува филмови. Тие имаат огромна продукција и можат да одржат ниво и да го прошират. Филмот има и многу странични позитивни последици за економијата. Во Србија имаат над 100 милиони евра годишно од странски филмови што се снимаат таму. Тоа влијае и на туризмот, рече Илиев за „Утрински брифинг“.

Целиот разговор во видеото.

Видео на денот