ВИДЕО I Светот во текот на годината која долго ќе ја паметиме

Сто и педесет милијарди долари е сумата што ги чинеше осигурителните компании за десетте најскапи временски непогоди ширум светот оваа година со што е надмината цифрата од  2019 година. Тоа е резултат на долгорочното влијание на глобалното затоплување.

Во тие 10 катастрофи загинаа најмалку 3.500 луѓе и раселија повеќе од 13,5 милиони луѓе.

Во оваа 2020 година светот го погодија пожари што останаа долго надвор од контрола на Австралија во јануари, па се до рекордниот број урагани над Атлантикот до ноември. Сумата е многу поголема бидејќи голем дел од загубите не беа осигурани.

Не е изненадувачки, но товарот падна непропорционално врз сиромашните нации, според годишниот извештај на глобалната невладина организација Christian Aid, под наслов „Трошоците за 2020 година: Година на распаѓање на климата”.

Само четири проценти од економските загуби од екстремните настани предизвикани поради климата во земјите со ниски примања се осигурани, во споредба со 60 проценти во економиите со високи примања, се вели во извештајот.

„Без разлика дали се поплави во Азија, скакулци во Африка или невреме во Европа и Америка, климатските промени продолжуваат да беснеат и во 2020 година”, нагласиКет Крамер од Christian Aid.

Екстремните временски непогоди го мачат човештвото многу пред глобалноto затоплување да почне да се меша со климатскиот систем на планетаvа.

Но, повеќе од еден век податоци за температурата и врнежите, заедно со децениските сателитски податоци за ураганите и зголемувањето на нивото на морето, не оставија сомнеж дека се повисоката температура на површината на Земјата го засилува нивното влијание.

Интензивните тропски бури – познати како урагани, тајфуни и циклони – сега се со поголема веројатност, на пример, да бидат посилни, да траат подолго, да носат повеќе вода и да се појават подалеку од нивниот историски опсег.

Рекордни 30-на именувани урагани од Атлантикот во 2020 година – со најмалку 400 жртви и 41 милијарди долари штета – сугерираат дека светот може да види и повеќе такви бури. Светската метеоролошка организација (СМО) мораше да користи грчки симболи откако ги искористија сите букви од латиницата.

Интензивните летни поплави во Кина и Индија, каде што сезоната на монсуните донесе ненормални количини на врнежи од дожд веќе втора година, исто така се во согласност со проекциите за тоа како климата ќе влијае на врнежите.

Пет од најскапите екстремни временски прилики во 2020 година беа поврзани со необично дождливиот монсунски период во Азија.

„Во 2020 година Бангладеш, повеќе од една четвртина од земјата беше под вода, и тоа беше една од најлошите во историјата”, изјави Шахјахан Мондал, директор на Институтот за справување со поплави на Универзитетот за инженерство и технологија во Бангладеш.

Шумските пожари што уништија рекордна плоштина области во Калифорнија, Австралија, па дури и руски Сибир, голем дел од нив во рамките на Арктичкиот круг, исто така се во согласност со се потоплиот свет и предвидувањата се дека ќе се влошат приликите со зголемувањето на температурите.

Просечната температура на површината на планетата порасна најмалку 1,1 степен Целзиусов во просек во споредба со крајот на 19 век, при што голем дел од тоа затоплување се случи во последниот половина век. Парискиот договор од 2015 година ги охрабрува светските нации колективно да го ограничат глобалното затоплување на „далеку под” 2 степена Целзиусови, па дури и на 1,5 степен ако е изводливо.

Во извештај од 2018 година од советодавниот панел на ОН за клима се наведува дека 1,5 степени Целзиусови е побезбеден праг, но веројатноста да остане под него пораснаа многу, според многу експерти.

„На крајот на краиштата, влијанието на климатските промени ќе се почувствува преку крајностите, а не просечните промени”, вели Сара Перкинс-Килпатрик, виш предавач на Центарот за истражување климатски промени на Универзитетот во Нов Јужен Велс.

Ако растечката фреквенција и интензитет на природни временски непогоди е во согласност со проекциите за моделирање, новото поле на наука сега е во состојба да постави број за тоа колку е поверојатно таквиот настан да се должи на глобалното затоплување.

Во невидените пожари досега уништија 20 проценти од австралиските шуми и убија десетици милиони диви животни на крајот на 2019 година и на почетокот на 2020 година. Во Европа, во меѓувреме, според неодамнешни истражувања, шансата да се појават смртоносни горештини се зголеми за речиси 100 пати во споредба со пред еден век.

„Топлотните бранови и поплавите што порано беа настани „еднаш во векот” сега стануваат се поредовни појави”, нагласи генералниот секретар на СМО, Петери Талас.

Извор.МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот