ВИДЕО I Протести во Бристол: Повредени 20 полицајци, уапсени најмалку седум демонстранти

Фото: twitter/printscreen

Протест во западниот британскиот град Бристол против новиот предлог-закон за полициските овластувања прерасна во насилство при што се повредени најмалку 20 полицајци од кои двајца сериозно, соопшти денеска полицијата.

За време на протестот, што почна вчера попладне и траеше до раните утрински часови денеска, се уапсени седум лица. Полицијата соопшти дека бројот на приведени најверојатно ќе се зголеми во наредните денови, бидејќи во моментот се испитуваат видео-снимки.

Насилствата во кои се оштетени и автомобили, британскиот министер за внатрешни работи, Прити Пател, го опиша како „неприфатливи”. Таа рече дека „агресивното криминално однесување и немирите“ нема да бидат толерирани.

Полицијата и демонстрантите се судрија за време на протестите против новиот Закон за полицијата, за кој се расправа во британскиот Парламент.

Илјадници демонстранти излегоа на улиците за да изразат незадоволство од предложениот предлог-закон, кршејќи ја забраната за масовни собири. Предлог-законот предизвика критики од активистите кои го осудија зголемувањето на полициските овластувања и нападот врз граѓанските права.

На снимки објавени на социјалните мрежи се гледа како демонстранти тресат полициско комбе пред протестот да стане насилен. Полицијата со палки се обиде да ги растера демонстрантите пред централната полициска станица во Бристол. Потоа полицајци на коњи влегоа во група демонстранти, но набрзо се повлекоа, откако врз нив беа фрлени молотови коктели.

Демонстрантите успеаја да ја потиснат полицијата, запалија комбе пред полициската станица и ја уништија зградата, додека полицајците кои биле внатре, гледаа низ прозор.

Предлог-законот за полиција, криминал, казнување и судови предизвика критики од активистите кои го осудија зголемувањето на полициските овластувања и нападите врз граѓанските права.

Новите законски решенија ќе и овозможат на полицијата, меѓу другото, да го одредува времето на почетокот и крајот на сите идни демонстрации.

Видео на денот