ВИДЕО I Израелски војници нападнаа палестинска новинарка: Ја претепаа и ѝ ја извадија марамата


Палестинската фоторепортерка Латифех Абделатиф го сними моментот кога израелските војници на окупацијата ја тепаа ѝ ја тргнаа марамата. Војниците исто така ги тепале младите мажи кои се обиделе да ја одбранат девојката и да ги држат војниците подалеку од неа, објави Алџазеира.

Абделатиф на својот профил на Инстаграм објави фотографии и кратки видеа што ги сними на кои се гледа напад на израелските сили врз неколку палестински млади момчиња во близина на портата Дамаск (Баб ал Амауд) во Ерусалим.

Таа сподели и видеа на кои се гледа како неколку војници ја напаѓаат и туркаат, а потоа и ја отстрануваат марамата.

Абделатиф беше нападната додека носеше камера во рацете и ја вршеше својата новинарска работа.

На видеата се гледаат и палестински млади момчиња кои се обидуваат да ја одбранат и да ги отстранат израелските војници, додека таа се бори да си ја земе шамијата.

Вчера, на влезот на Баб ал Амауд во Ерусалим, повторно беа забележани напади врз Палестинците кои беа на тоа место, а голем број од нив беа лишени од слобода.

Неодамна, се почести се сцените на напади на израелски војници врз жени и девојки, особено во населбата Шеик Јарах. Изминатите денови израелските војници во таа населба постојано напаѓаа многу Палестинки и сите оние кои се солидаризираа со жителите на Шеик Јарах. Војниците ги напаѓале жените, ги удирале и ги влечеле пред објективот на фотоапаратот.

Насилството на израелските трупи врз Палестинците се зголеми во последните денови по избивањето на неколку демонстрации против израелските власти и нивните насилни практики врз жителите на Шеик Јарах и против агресијата на Појасот Газа.

Бруталното бомбардирање на појасот Газа, кое трае повеќе од една недела, доведе до зголемување на бројот на жртвите.

Видео на денот