ВИДЕО I Градоначалникот на Центар, Богдановиќ за УБ: Имам желба и амбиција за втор мандат

Премиерот и претседател на владеачката СДСМ, Зоран Заев пред неполна недела запрашан за можните кандидати за градоначалници за локалните избори, изјави дека партијата планира дел од сегашните градоначалници да се тркаат за реизбор.

– СДСМ има постапка и ги слуша граѓаните. Ако тие не се задоволни, секако ќе има други кандидати. Ќе застанам зад неколку, поради личниот добар впечаток. Досега сум задоволен од градоначалниците на Валандово, на Богданци, на Демир Капија, на Штип, на Крушево, на Дојран, на Ростуше, на Маврово и на Старо Нагоричане, додаде тој.

Во тој контекст, премиерот не спомна ниту еден од актуелните градоначалници во Скопје.

– Имам желба и амбиција за втор мандат. Пред сè, за завршување на прокетите, исполнување на она што е ветено. Премиерот соопшти неколку имиња, но јас ова го сфаќам како обид да работиме уште повеќе, изјави градоначалникот на Oпштина Центар, Саша Богдановиќ за „Утрински брифинг“.

– Имаме голем број на проекти што треба да се завршат, како на пример новата градинка во Пролет каде што, според наши очекувања, треба да се заврши во март, април. Тука е доградбата на ОУ „Коле Неделковски“, тука е завршувањето на „Орце Николов“, на „Аминта Трети“, итн. Со доделување на средства за КК Работнички, не загрозуваме никаква капитална инвестиција, изјави Богдановиќ околу информациите дека голема сума на пари се одлева во кошаркарскиот клуб на сметка на реконструкција на градинка.

Во ООУ „Киро Глигоров“ нема да дозволиме приватно средно училиште

Во јавноста се појавија информации дека наводно во ООУ „Киро Глигоров“ ќе отпочне со работа приватнa гимназија. Општината Центар веднаш ги демантираше овие шпекулации, велејќи дека такво нешто нема да дозволи. За тоа дали во ООУ „Киро Глигоров“ ќе има или ќе нема приватно средно училиште не одлучува ниту Советот, ниту општината како тело, туку само училишниот одбор.

– Во училишниот одбор членуваат наставници од училиштето, советници од Советот и претставници на родителите на децата кои посетуваат настава во училиштето. Ставот на Општина Центар во однос на приватната гимназија во ООУ „Киро Глигоров“ е дека не треба да има мешање на децата. Овде изградивме ново, модерно, современо основно училиште, кое треба да биде пример, а не пречка во образовниот процес. Приватно средно образование во основно училиште нема да дозволиме, вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Наша интенција е да има што помалку возила во Центар, ги „чистиме“ сите непрописно паркирани

Околу прашањето за паркирање во општината, Богдановиќ вели дека целта е да се дозволи паркирање онаму каде што има простор.

– Имате катна гаража на влезот во Центар, кај факултетите, која до пред извесно време не се користеше, бидејќи луѓето сакаа да влезат со кола ако можат и во ресторан. Ние сега и во соработка со град Скопје, ги чистиме сите непрописно паркирани. Не е дека нема доволно простор, но ние како луѓе треба да ги смениме навиките дека не може секаде да одиме со возило. Треба да се даде простор и на другите луѓе. Нашата интенција е што помалку возила да има во Центар, нагласи првиот човек на Општина Центар.

Целиот разговор со градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, погледенте го во видеото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот