хирург операција
Фото: Профимедиа

ВИДЕО | Хирург во Франција обвинет за силување 299 деца

И покрај пресудата за детска порнографија во 2005 година, Ле Суарнек продолжил да работи во државните болници до неговото апсење во 2017 година.

На 24 февруари, 74-годишниот француски хирург Жоел Ле Суарнек ќе се појави пред судот во Ван, во регионот Бретања, обвинет за силување на 299 деца, што е најголемиот случај за сексуална злоупотреба на деца во француската историја.

Истрагата започна во 2017 година кога полицијата во Западна Франција го пребарала домот на хирургот Ле Суарнек по силувањето на шестгодишното момче од соседството и таму пронашле скриено место полно со кукли на надувување, перики и детска порнографија.

Полицијата соопшти дека открила електронски дневници, кои се чини дека детално ги прикажуваат силувањата и сексуалните напади на стотици негови млади пациенти во болниците во областа во период од речиси три децении.

Во 2020 година, Ле Суарнек беше осуден за силување и сексуален напад врз синот на неговиот сосед, како и врз неговите двајца внуци и четиригодишен пациент. Сепак, истрагата продолжи за наводните жртви што беа пронајдени во неговите досиеја.

Обвинителите на крајот го обвинија за силување и сексуален напад на 299 деца, од кои многумина биле под анестезија кога се случила наводната злоупотреба.

Обвинителите велат дека Ле Суарнек се изјаснил за виновен за многу од обвиненијата со кои се соочува, а неговите бранители одбија да дадат коментар пред судењето.

Ова судење ќе се одржи во пресрет на пресудата на Доминик Пелико, кој во декември беше прогласен за виновен за дрогирање и силување на својата сопруга, како и за овозможување десетици мажи да ја силуваат, а кои ги поканил во својата куќа. Во истиот случај беа осудени уште 50 мажи, што ја шокираше француската јавност и меѓународната заедница.

Случајот Ле Суарнек ќе отвори сериозни прашања за францускиот јавен здравствен систем, велат жртвите и организациите за човекови права. И покрај осудата за детска порнографија во 2005 година, Ле Суарнек продолжи да работи во јавните болници до неговото апсење во 2017 година. Министерството за здравство не коментираше ништо за хирургот што со децении ја злоупотребувал својата хумана професија.

Франсоа е тужител во случајот и жртва на злоупотреба од хирургот кога имал 12 години. Тој изрази надеж дека случајот ќе даде некои одговори за системот, за кој вели дека го разочарал.

– Сфаќам дека овој хирург не требаше да ме оперира. Се чувствувам измамен од властите… Зошто никој не му забрани на овој хирург да работи со деца? – прашува денес Франсоа, кој побарал да не се споменува неговото презиме.

Детални описи во дневникот на монструмот

По откривањето на дневниците на Ле Суарнек во 2017 година, властите почнаа да ги идентификуваат неговите потенцијални жртви со усогласување на описите во дневниците со болничките досиеја. Иако многу од пациентите биле под анестезија и не се сеќаваат на наводната злоупотреба, психијатрите ги документирале симптомите на посттрауматски стрес кај жртвите, според судските документи.

Матис Винеј имал десет години во 2007 година кога неговите татко и дедо го однеле во болницата во Кимперл со стомачна болка. Неговиот дедо, 78-годишниот Роланд Винет, се сеќава дека го сретнал Ле Суарнек и не му било ништо сомнително кај него, а Матис ја поминал ноќта во болница.

Во својот дневник Ле Суарнек пишува дека тој и следниот ден сексуално нападнал младо момче и дека го допирал неговиот полов орган.

– Матис повеќе не беше истиот по хоспитализацијата – вели Винет, кој подоцна го поминал животот во злоупотреба на алкохол и дрога.

Во 2021 година тој починал на 24-годишна возраст од предозирање, три години откако полицијата го известила за злоставувањето што наводно го претрпел и откако се навраќал на настаните.

Винет и неговата сопруга, тужители во случајот, тврдат дека Матис извршил самоубиство. Тие го обвинуваат Ле Суарнек за смртта на својот внук.

Имал осуда за детска порнографија, а работел

Ле Суарнек бил осуден на четиримесечна условна затворска казна во 2005 година за поседување детска порнографија. Следната година нашол работа како хирург во јавната болница во Кимперле.

Болничкиот психијатар го информирал раководството на институцијата за неговата загриженост за однесувањето на Ле Суарнек во 2006 година, се наведува во судскиот документ, но хирургот продолжил да работи со деца.

Обвинителот во Лориен, Стефан Келенбергер, чија канцеларија ја води истрагата за наводните напади на Ле Суарнек, рече дека е отворен за посебна прелиминарна истрага за да се утврди дали има кривична одговорност на субјекти или на поединци што можеле да ги спречат нападите.

Француското лекарско здружение одби да коментира. Локалниот огранок на здружението во одделот Финистер, кој според судските документи знаел за осудата на Ле Суарнек во 2005 година, не одговорил на повторените барања за коментар за работата на хирургот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот