ВИДЕО | Херин: Со перформансот „Улица“ сакав да го истражам Славко Јаневски

Филип Херин, режисер
Филип Херин, режисер / Утрински брифинг

Музичко сценскиот перформанс „Улица“ имаше премиера на 22 декември, а за тоа и за темелните вредности во македонската култура разговаравме со режисерот Филип Херин, кој врз основа на повеста на Славко Јаневски го создаде истоимениот перформанс.

-Живееме во една атмосфера последниве 30 години каде одредени личности важни за културниот живот од сите обласи на културата ги нема, а тоа се важни репери од кои треба да градиме мозаик. Гледаме во антиката а не гледаме во исклучителните современици. Проектот со Славко Јаневски тлееше пет години за кое време навлеговме во херметиката на писателот. Информации црпевме од архивата на некогашната Радио телевизија Скопје. Мотивот беше да се демистифицира повеста „Улица“ која е единствено автобиографско дело на Јаневски, вели Херин.

Сценариото е на Матеј Богдановски, познат како стрип цртач, а музиката на Џијан Емин изведена од женски хор.

-На вакви проекти сите уметници растеме, кога се сублимираат различни сфери од уметноста. Богдановски порано го направи стрипот Улица, па оттука излезе идеја да се направи перформанс. За тоа требаше многу време оти ние не сме институција, ние работиме незавосно, вели Херин за Утрински брифинг.

Тој додава дека ќе се обиде перформансот да се смести во некоја институција за да биде подостапен за јавноста. Херин додава дека првичната идеја била перформансот да биде во екстериер, во улицата кај Ибни Пајко.

Херин се обидува да ги преиспита темлените македонски вредности и во таа смисла пред неколку години тој направи документарец за актерот Бајруш Мјаку.

-За оваа тема ми се јавија дали би сакал да прифатам. Јас го познавав Бајруш Мјаку од Ателје 212 од Белград, каде што студирав. Со филмот и познанството со Мјаку се запознавме добро, а можам да кажам растот на македонската авангарда и албанскиот театар се случува откако на чело на таа институција е токму тој. Во последниве 30 години некако ја гетоизиравме културата, а нам ни треба интеркултура, вели Херин за Утрински брифинг.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот