ВИДЕО: Хаос во Карпош 3 поради обнова на улицата „Бледски договор“, отежнат влезот до поликлиниката „Букурешт“ и на возилата на Итна помош

Невиден сообраќаен метеж се случува на оваа сообраќајница, по која во моментов секој вози како сака, автомобили се движат по тампонираниот дел од улицата, протнувајќи се меѓу знаците со кои е обележено дека лентата е затворена, се качуваат по тротоари и се паркираат на затворената лента пред болницата „Осми септември“.
Повеќе од два месеци се реконструира улицата „Бледски договор“, која ги поврзува булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“ и се протега покрај поликлиниката „Букурешт“ и болницата „Осми септември“. Станува збор за сервисна улица, за чие обновување е задолжена Општина Карпош, но е многу значајна сообраќајница затоа што од тука е единствениот влез со автомобил во поликлиниката и на паркингот на болницата, а по неа минува и автобусот на линија 7. Токму затоа е неопходна за нормално одвивање на сообраќајот во овој дел на градот, особено е неопходна за потребите на граѓаните што имаат потреба од здравствени услуги.
Реконструкцијата на улицата започна на почетокот на јули кога се затвори едната коловозна лента во насока кон Партизанска, а ситуацијата на терен се влоши кога потоа работите се преместија на другата лента. Па, така, речиси еден месец не може со автомобил да се пристапи до „Букурешт“, што е голем проблем за тешко подвижните пациенти, проблем за возилата на Итна помош, а блокиран е и пристапот кон болницата.

Не знаете што сѐ се случува во текот на денот. На едната лента, која е еднонасочна, влегуваат возила во спротивна насока, некои застануваат и ги тргаат пречките, па преку раскопаната улица се обидуваат да влезат во амбулантата. Несфатливо е олку значајна улица да се реконструира со месеци, цело лето, особено е хаос откако се затвори лентата што води кон амбулантата и улицата. Бавно се работи, пребавно. Механизацијата повеќе стои на улицата отколку што работи – раскажува жител на Карпош, кој живее во близина.
Дека состојбата е токму таква како што ја опиша нашиот соговорник, се уверивме и на терен. Невиден сообраќаен метеж се случува на оваа сообраќајница, по која во моментов секој вози како сака, автомобили се движат по тампонираниот дел од улицата, протнувајќи се меѓу знаците со кои е обележено дека лентата е затворена, се качуваат по тротоари, се паркираат на затворената лента пред болницата „Осми септември“. Прашина се крева на сите страни, додека поголемиот дел од механизацијата со која треба да се изведуваат градежните работи е оставена настрана.

Градежните работи на улицата ги изведува скопската фирма „Бауер БГ“, а според најавите од Општина Карпош реконструкцијата требаше да заврши за два месеца. Станува збор за улица долга 502 метри.
Обновата на овој коловоз се најде во договорените страни помеѓу Министерството за транспорт и врски и Општина Карпош, како дел за Тендер 5 – „Градежни работи за подобрување на инфраструктурата на локалните патишта за избрани општини согласно изработени основни проекти – Дел 2“ – објаснија од Општина Карпош кога започна реконструкцијата на улицата и кога го најавија рокот на завршувањето на работите.

Од Општина Карпош побаравме одговор зошто доцни реконструкцијата на оваа значајна улица, чија изведба го проби предвидениот рок, и кога конечно ќе заврши.
Денеска се става прв слој асфалт на цела улица. Реконструкцијата доцни од причина што операторите имаа зафати кои беа неопходни за изведба пред асфалтирање – кусо одговорија од Карпош, не прецизирајќи кога ќе завршат работите и кога конечно на оваа улица ќе се нормализира сообраќајот.
На терен не видовме дека почнало асфалтирањето, ниту дека изведбените работи се стигнати дотаму.