ВИДЕО | Хаџимишев: Греење на Скопје мора да има, во спротивно огромен број луѓе ќе немаат услови за живот

Димитар Хаџимишев, поранешен директор на Топлификација за Утрински брифинг
Димитар Хаџимишев, поранешен директор на Топлификација / Утрински брифинг

Пред некој ден се донесе одлука Владата да го преземе управувањето со БЕГ бидејќи компанијата се откажа да го грее Скопје и ја загуби лиценцата. Тендер за нов снабдувач со топлинска енергија ќе има, но прашање е дали некој ќе се јави. Целата оваа тешка ситуација е последица од немање бизнис модел за занимавање со оваа дејност.

-Има три лиценци и три одвоени бизниси поврзани со загревањето на Скопје. Едниот е регулирано производство на топлина, вториот регулирана дистрибуција на топлина и снабдувањето. Сите три се различни дејности и прашање е како ќе се решава, дали со една лиценца како што имаше БЕГ што според мене е незаконски и за што има кривична постапка, или со три лиценци, вели Димитар Хаџимишев, поранешен директор на Топлификација за Утрински брифинг.

Според него, која било Влада да дојде, сите влади ќе се стремат сите кризни состојби да ги префрлат на приватни компании мислејќи дека сите енергетски бизниси се доходовни и дека тие имаат ресурси тоа да го спроведат.

-Топлификација може да се јави на тендерот но доколку се решат двата судски процеса против поранешни членови на РКЕ, вели Хаџимишев.

Битна работа е што во регионот па и во Европа нема приватна фирма која води поголем топлификационен систем, тоа го прават градовите, објаснува Хаџимишев кој додава дека наивно се тргна во обидот на градот да направи градска топлификација.

-Тоа е специфична дејност и треба да бидат ангажирани луѓе кои веќе работеле на тоа, вели поранешниот директор на Топлификација.

Ако Скопје има сериозни проблеми со топлотната енергија, граѓаните ќе се соочат со уште поголем проблем оти во централното градско подрачје се нема услови за загревање на домовите на друг начин, вели Хаџимишев и додава дека времето е многу кратко за решавање на проблемот.

-За државата да не плаќа поголеми субвенции потребно е да има ефикасен тим кој ќе умее да го спроведе тоа без или со помала државна помош, а тоа е возможно со воведувањето на гасот. Цената на гасот многу се качи и некој треба да ја покрие таа разлика. Греење мора да има, оти ако нема ќе се оневозможат сериозен број луѓе да имаат услови за живот, вели тој.

За разлика од минатото, денес е многу тешко да се предвиди како ќе се двжиат цените на енергенсите затоа што, меѓу другото имаме војна во срцето на Европа. За оваа зима проблем се финансиите и ние како мала држава мораме да имаме систем за покривање на трошоците за греење, а тоа е многу покомплицирано одошто кога станува збор за струјата, заклучува Хаџимишев.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот