ВИДЕО: Грција завеана во снег, циклонот „Барбара“, парализира делови од земјата, каде е прогласена вонредна состојба

Студениот снежен циклон „Барбара“ ја погоди Грција. Обилните снежни врнежи предизвикуваат проблеми во копнениот и поморскиот сообраќај, а во одредени делови од земјата прогласена е вонредна состојба, јавуваат грчките медиуми.
Откажани се бродски линии, а денеска напладне забранет е и сообраќај во предградијата на Атина.
Во меѓувреме, Цивилната заштита, противпожарната бригада, полициските, регионалните и градските власти повторно се состануваат, пишува Елефтеротипија.
Во Атика, сообраќајната полиција соопшти дека возачите кои се движат низ целата патна мрежа на префектурата Атика мора да носат синџири за снег или друга опрема што не се лизга. Забрането е движење за тешки товарни возила од над 3,5 тони на неколку автопати. Властите, исто така, забранија такви камиони и од делниците на националниот пат Атина-Солун.
Дува многу силен ветер што го отежнува чистењето на автопатските приоди кон Атина.
Училиштата утре ќе останат затворени затоа што снегот и снежните виулици сè уште се невообичаена појава во Грција, на што Медитеранот сè уште се навикнува.
Во северните делови на Атина утре ќе бидат затворени и сите продавници, курирската служба нема да работи.