ВИДЕО | Ѓорчев: Треба да престанеме да молиме и да бидеме обединети и горди на сработеното, ЕУ не остави 17 години во процеп

Марјан Ѓорчев/Фото: Слободен печат

Сите напори на Република Бугарија, институционално, од Претседателскиот кабинет, од Владата, од нивните европратеници беа насочени кон тоа да се премести ветото кое што Бугарите не можеа да го објаснат во ЕУ, изјави во Утрински брифинг Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Бугарија за резолуцијата за РСМ која денеска ќе се најде пред пратениците во Европскиот парламент.

Според Ѓорчев стратегијата на Бугарија била да се премести „пакетот“ кој што бил договорен со македонската Влада.

-Со ова гласање тие успеваат во нивната намера, вели Ѓорчев и додава дека за нашата држава тоа е многу лошо.

-Се работи за преседан, затоа што се изместува она што претставува преговарачка рамка за секоја одделна држава, каде што билатералните прашања, никогаш до сега не биле предмет на преговарачката рамка, потенцира Ѓорчев.

Според Ѓорчев клучна пресвртна точка на патот на РСМ кон ЕУ е блокадата од францускиот претседател Макрон од 17. октомври 2019 година.

-Од тогаш почна се. Заради Република Албанија и нивните проблеми со уставниот поредок, високиот степен на криминал и корупција, наводно ние бевме закочени но факт е дека, ние со онаа жртва што ја направи РМ со промената на уставното име и членството во НАТО и кога сето тоа беше реализирано, и потенцирано од европска страна дека ако го решите спорот со Грција и станете членка на НАТО, веднаш ќе бидете примени во ЕУ, со блокадата на Макрон започна одот по маките на нашата македонска држава, смета Ѓорчев.

-Нашата македонска приказна секогаш треба да биде – го афирмираме нашиот македонски сон. Прво дека Макеоднија даде се во ова чекорење кон ЕУ, кое според мене трае повеќе од 25 години. Ние се реформираме перманентно, ги усвојуваме европските вредности и сме многу понапред од други европски држави,. Второ, ние ќе продолжиме тоа да го правиме без разлика во каква констелација ќе не постават овие одлуки на Европскиот парламент и Советот на политичките лидери на ЕУ во јуни. Ние ги правиме тие реформи заради македонските граѓани, за подобар живот за нас и нашите поколонија, не ги правиме заради ЕУ. Работиме некогаш успешно, некогаш помалку успешно, но морам да напоменам дека Унијата кон нас беше многу неправедна, рече Ѓорчев.

Ѓорчев во една своја колумна неодамна повика македонската власт и опозицијата да се обединат и да ја раскажат својата приказна:

-Трето е, што ние треба да престанеме да молиме, да пекаме и треба малку да бидеме поважни. Да кажеме дека ние бевме први од Балканот кои потпишавме Договор за стабилација и асоцијација со ЕУ, први добивме кандидатски статус, Црна Гора доаѓаше да ги препишува сите документи кои ги усвојувавме со ЕУ и тие добија 2012 датум за преговори, а Србија доби во 2014, а ние 17 години останавме во тој процеп кој Европа го третира македонското прашање со негирање на какво што веќе сме навикнати. Токму затоа сега викам дека ние како Македонци, како македонски државјани треба да бидеме обединети да и покажеме на Европа дека сме горди на тоа што сме го направиле. Си го цениме тоа што сме го направиле, некогаш успешно, некогаш не, но далеку сме во многу сегменти и пред Србија, Црна Гора, Романија и Хрватска, особено во делот на фундаменталните човекови права и граѓански слободи. Тука сме многу силни и тоа треба да го потенцираме цело време, дециден е Ѓорчев.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот