ВИДЕО: Германците во финишот до важен бод, сега зависат од Шпанија

Момент од натпреварот Шпанија - Германија/фото: EPA-EFE/Ronald Wittek

Фудбалските репрезентации на Шпанија и Германија ремизираа 1:1 денеска во дербито од второто коло на Светското првенство во Катар. Црвената фурија сега води во групата „Е“ со четири бодови, по три имаат Јапонија и Костарика, а еден Германија.

Сите четири селекции имаат шанси за осминафиналето, на 1 декември ќе се играат мечевите од последното трето коло, Германците мора да атакуваат на победа против Костарика, но ќе им треба и „услуга“ од Шпанија да триумфираат против Јапонците.

Прв критериум за одредување на редоследот во групната фаза на Мундијалот се бодовите, а потоа гол разликата и бројот на постигнати голови. Доколку репрезентациите се изедначени во тие категории, ќе се гледа по следниот ред, меѓусебен скор, гол-разликата во меѓусебните натпревари и головите постигнати во меѓусебните дуели. Можно е да се одреди редоследот и според бројот на картони.

На денешниот дуел составот на Луис Енрике прв дојде до предност, во 62 минута Алба ја испрати топката во петерецот, а таму на правото место беше Мората кој шутираше преку Нојер за 1:0.

Израмнувањето се случи во 83 минута кога Германците искористија една лоша реакција на шпанските играчи. Мусиала беше пред Родри, го пронајде Филкруг кој стрелаше силно под пречката за 1:1. Германија имаше шанса во финишот да направи целосен пресврт, Сане се најде во идеална прилика, но наместо веднаш да шутира, отиде предалеку на страна.

Видео на денот