ВИДЕО | Ганиу: Дури и градинката „Снежана“ и училиштето „Пенко“ се исклучени од греење и покрај подмирените долгови

Висар Ганиу- градоначалник на Општина Чаир

Општина Чаир нема никаква вина за тоа што топлификација Скопје Север го прекина парното греење и со тоа дел од граѓаните од Чаир и Бутел останаа без греење, рече денеска во Утрински брифинг градоначалникот Висар Ганиу.

– Ние вчера плативме два милиони денари, а пред тоа плативме уште толку. Уште пред да почне грејната сезона ние бевме договорени да плаќаме по 700 илјади денари, но бевме одеднаш без предупредување исклучени. Од менаџментот ни беше кажано дека со платените два милиона ќе има парно греење само за два дена, односно и да го плати општина Чаир целиот долг, ќе има парно греење само десетина дена. Јас сметам дека проблемот се провлекува неколку години наназад бидејќи Топлификација Скопје Север не им ги даде ветените услуги на граѓаните, по што тие ги откажаа услугите на претпријатието. Сега претпријатието не работи профитабилно, а најмногу тоа го чувствуваат граѓаните, вели Ганиу.

Тој нагласува дека од парно греење е исклучена и градинката „Снежана“ иако е во претплата, односно не должи ниту еден денар, а таква е ситуацијата и со основното училиште Петар Здравковски- Пенко во Бутел.

– Голема е веројатноста второто полугодие во општина Чаир да започне со ладни училници. Ние правиме напори до понеделник да го решиме долгот со претпријатието, но според изјавите од таму, ќе добиеме парно за седум-осум дена, после тоа повторно ќе се појави проблемот. Бидејќи лиценцата на компанијата и ја дала Владата, очекуваме сериозно да се занимава со проблемот. Исто така очекуваме од Владата да помогне во надминување на енергетската криза, односно да ја плати разликата во сметките за струја, од минатата и оваа година. На пример за ноември имавме платено околу 500 илјади денари за улично осветлување, а за јануари и покрај рестрикциите, сметката изнесува еден милион и 400 илјади денари. Разликата е навистина голема, а во некои општини достигнува и до петкратно зголемување. Најголем дел од буџетот кој се апсорбира се влева во државната каса, така што очекуваме дел од тие средства да се доделат на општините, вели Ганиу.

Тој апелира да се промени законот со кој училиштата плаќаат индустриска струја, бидејќи како што вели, сметките се двојно поголеми од реалната потрошувачка, а нема основана причина за тоа, бидејќи овие институции не вршат никакво производство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот