ВИДЕО + ФОТО | Претседателот Пендаровски од Охрид: Убавината ќе го спаси светот

Претседателот Стево Пендаровски вечерва се обрати на свеченото отворање на 61-то издание на „Охридско лето”, во Античкиот театар во Охрид. 

Во својот поздравен говор Пендаровски се повика на познатата реченица на Достоевски: „Убавината ќе го спаси светот”. Еден век потоа, анализирајќи ја оваа мисла низ мачните искуства на Втората светска војна, Холокаустот и мрежата на гулази, дисидентот во едноумието, Солженицин праша: Кога во нашата историја, гладна за крв, убавината спасила некого од нешто. Убавината секако нѐ облагородила, ни го поткренала духот – но кого некогаш спасила?” – рече Пендаровски.

Тој овие мисли ги поврза со актуелните состојби со пандемијата која одзеде толку многу животи и предизвика огромна материјална штета, потоа и со еколошките проблеми и длабоките социјални неправди, прашувајќи се: „Ако пред овие предизвици потклекнаа и најмоќните на планетата, како воопшто убавината може да го спаси светот?“

Како покровител на манифестацијата, Пендаровски заклучи дека „убавината која е олицетворена во уметноста и културата е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето. Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, нѐ поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нѐ охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите ширејќи го просторот за свет со почовечки лик.“

Охридско лето веќе 61 година дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет кои, како што рече Пендаровски, „се вистинските чувари на убавината, и со тоа и сведоци дека надежта за човештвото опстојува“.

Инаку, годинава се прославуваат 30 години од независноста на Република Северна Македонија, па нашиот најпрестижен меѓународен фестивал „Охридско лето” започна со 90 македонски уметници чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот