ВИДЕО + ФОТО I Нереди во Париз: Полицијата експресно растури камп со мигранти на Плоштадот на Републиката

Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Неколку стотици мигранти, претежно Авганистанци, беа протерани од плоштадот, со употреба на сила, со солзавец и со флеш гранати, откако поставија нов камп во центарот на Париз. Полициската реакција дојде по распоредувањето на 500 шатори под статуата на Републиката на мигранти од неодамна растурениот камп.  

Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Нешто помалку од еден час по поставувањето на шаторите, полициските сили почнаа да отстрануваат дел од нив, дел и со луѓе во нив. На крајот беше употребен солзавец и флеш гранати, по што неколкуте стотици мигранти и нивните приврзаници, конечно, беа растурени по улиците на центарот на Париз.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан вчеравечер реагираше на објавените фотографии на Твитер што ги нарече „шокантни”

– Само што побарав детален извештај од префектот на полицијата. Одлуката ќе ја донесам веднаш штом го добијам извештајот, рече тој.

Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

– Основањето на вакви кампови што се организирани од одредени здруженија е неприфатливо. Според тоа, префектурата веднаш го растера ова незаконско окупирање на јавниот простор”, објавија префектурите на регионот Ил-де-Франс и Париз, кои управуваа со операциите, во заедничкото соопштение.

Сите луѓе кои имаат потреба од сместување се поканети да дојдат во дневните центри каде упатувањата до решенија за сместување прилагодени на нивната ситуација редовно се нудат на мигрантите, додаваат оттаму.

– Ние не одговараме на мизеријата со диригентската палка. Засолнувањето на мигрантите од кампот во Сен Дени, а кои останаа на улица, е итно, суштинско, неспорно, одговори Делфин Рујо, генерален директор на државниот оператор за управување со кампови.

Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

– Единствениот одговор од властите е сила. И присилно, во време на здравствена криза, ова не е прифатливо, додаде Корин Торе, шеф на „Лекари без граници“ во Франција, кој побара сместување за мигрантите.

Минатиот вторник од близината на „Стад де Франс“ во Сент Дени беше евакуиран голем бегалски камп. Повеќе од 3.000 лица, главно Авганистанци, истиот ден добија засолниште во прифатните центри или гимназиите во Ил-де-Франс.

Меѓутоа, од 500 до 1.000 од нив скитаат по улиците на периферијата на Париз, наведуваат здруженијата што им укажуваат помош и кои го осудуваат полициското насилство.

Безбедносните сили го применуваат принципот на „нулта толеранција” за камповите со мигранти во главниот град, воспоставен од префектот на париската полиција на почетокот на годината. Оттогаш, многумина се повлекоа кон Сена-Сен Дени.

Но, „невидливоста на мигрантите” на периферијата на Париз доведува до нивна „хајка”, објаснува Луис Барда, претставник на „Лекари на Светот“. Според неговите извештаи, насилството што го претрпеле прогонетите веќе ги тера да го напуштат Париз за да стигнат до Кале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот