ВИДЕО: „Филмска“ честитка на Ахмети, лидерот на ДУИ очекува година полна со предизвици

Фото: Фејсбук/принтскрин

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска упати честитка до сите граѓани во пресрет на новата 2022 година, посакувајќи им здравје и благосостојба во наредната година.

Преку видео-честитката, изведена на начин кој треба да наликува на сличните обраќања на западноевропските и американските политичари, Ахмети најавува дека годината што доаѓа ќе биде полна со предизвици бидејќи, како што вели, „напорно работиме за подобра иднина“.

– Последните денови од оваа година нѐ поттикнуваат да рефлектираме за изминатите 365 дена и да ги предодредиме нашите цели за следните 12 месеци. И оваа година, како и претходната, беше проследена со новите правила на живот кои ни ги наметна пандемијата, но и со загубата на голем број наши граѓани од вирусот и трагедиите предизвикувајќи голема болка кај сите нас. Оваа година се одбележа и 20 годишнината од Охридскиот договор, правното потврдување на Коридорот 8, прогласувањето на Шар Планина за национален парк, како и следната изборна победа, вели Ахмети во честитката.

Тој посочува дека ќе работат за да ја почнат годината што претстои со отворање на преговорите за членство во Европската Унија, со поставување на камен темелникот на Коридорот 8, енергетската и економската стабилизација, продолжување на гасификацијата и крајот на пандемијата.

– На сите граѓани каде и да се, во државата, регионот и во дијаспората, им посакувам Среќна Нова година со најискрени желби за здравје, благосостојба и успех, вели Ахмети во новогодишната честитка.

Видео на денот