ВИДЕО | Филипче: Рестрикцијата ќе го ограничи ширењето на опасниот британски сој преку младите кои се собираат во вечерните часови

Венко Филипче / Скопје, 29 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Рестрикцијата е во интерес на заштита на јавното здравје. Имавме прилично стабилен период, поминавме без значајни рестрикции споредбено со другите земји, но она со што сега се соочуваме навистина силен бран и сме приморани да препорачаме една ваква – мерка на рестрикција на движењето, рече министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во Утрински брифинг на Слободна ТВ.

Тој нагласи дека не е лесно, ниту едноставно да се спроведе забраната за движење.

-Психолошки можеби влијае кај луѓето, но барам разбирање и поддршка. Сето ова е во интерес на заштита на јавното здравје со цел овој бран на некој начин да го амортизираме. Целта е да се намали движењето во вечерните часови после затворањето на угостителските објекти. Сведоци сме дека младите се собираат и во вечерните часови на јавните површини, не се носат маските и очигледно е дека британскиот сој кој е се поприсутен кај нас – над 70% и очигледно го прави своето, изјави во Утрински брифинг министерот за здравство, Венко Филипче.

Според министерот претпоставка е дека со оваа форма на рестрикција ќе се ограничи ширењето на вирусот преку младите, кои очигледно е дека се најголемиот вектор, начин на трансмисија на вирусот.

-Има две можни претоставки на епидемиолозите. Едната е дека ќе се повтори онаа стрмна крива на зголемување на бројот на случаи како што беше во ноември, а другата претпоставка е дека сепак ќе заземе некое плато. Но во овој момент кога ние точно не знаеме како ќе се одвива епидемијата, ние мораме да го заштитиме болничкиот сектор. Не смееме да дозволиме да имаме пренатрупани болници. Ние тоа успешно го избегнавме во сите изминати бранови и уверен сум дека и сега тоа добро ќе го изменаџираме, вели Филипче.

Според министерот во делот на болнички капацитети се враќа оној систем кој постоеше во месец ноември, пренамена на интерните одделенија.

-Низ државата насекаде се спремни модуларните ковид болници. Во делот на вакцинацијата- тоа е проблем со кој целиот свет се соочува. Никаде во овој момент нема вакцини и онолку колку што е потребно и посакувано. Како доаѓа вториот квартал, најавите од производителите се дека се повеќе вакцини ќе бидат на располагање. Ние во овој месец очекуваме вакцини да стигнат преку два механизими. Прво преку директниот договор со „Фајзер“, околу 20.000 и исто толкава количина преку „Ковакс“ механизмот. Но свесни сме дека и самите производители се соочени со предизвикот и притисокот од сите земји во светот. Во таа смисла нашиот план беше да ги вакцинираме сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти. И токму поради тоа овие денови завршува таа вакцинација и мислам дека сме една од ретките земји во Европа, каде сите здравствени работници, без разлика дали во рамките на нивните одделенија или по систем на ротација помагаат на колегите инфектолози и се во директен контакт со пациенти заболени од ковид, ќе бидат вакцинирани, а од утрешниот ден започнува ревакцинацијата, вели Филипче.

Во однос на пописот и барањата на политичките партии од опозицијата процесот да се одложи, министерот вели:

-Засега не размислуваме за одлагање на пописот, остануваме на овие рестрикции кои сега ги предлагаме. Во однос на пописот, техничкото спроведување на терен и врз основа на што Комисијата за заразни болести го одобри тој протокол, тоа значи дека безбедно може да се спроведе. Но остануваме будно да ја пратиме ситуацијата. Можно е да предложиме и други рестрикции без разлика на пописот. Ја пратиме инциденцата, не секаде го има истиот пораст, но тоа не значи дека ситуацијата нема да се смени. Можно е да препорачаме и други рестрикции доколку утврдиме причина за тоа, вели Филипче.

Според министерот обвинувањата од опозицијата се неосновани и не се темлеат на аргументи.

-Многу често опозицијата обвинува врз основа на невистини. Никогаш не излегле со некоја конструктивна критика. Сетете се дека на почетокот се противеа на тестирањето, бараа тестови со антитела кога немаше имунитет во населението. Сетете се како правеа собири без да се почитуваат препораките. Во Комисијата за заразни болести никогаш не бил предмет на дискусија партиската припадност. Јас имав средба и со претставник на ВМРО-ДПМНЕ, Вело Марковски, на кој што му понудив да дааде конструктивни предлози, но подоцна не се јави на состанок. Така што мерките и протоколите се базираат на стручност. Д-р Караџовски е активен, јас имам секојдневна комуникација со него, разменување мислења, така што целокупниот состав на Комисијата е активен, рече д-р Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот