ВИДЕО: Еурофарм Пелистер имаше сè во свои раце, не успеа да го освои Загреб!

Фото: seha-liga.com

Во вториот натпревар во СЕХА Газпром лигата Еурофарм Пелистер загуби вечерва на гостувањето кај ППД Загреб со 26:23 (11:14). Тоа е прв пораз за играчите на тренерот Жељко Бабиќ во групата „А“, моментно се наоѓаат на второто место со три бода, зад водечкиот ППД Загреб (шест), а без бодови се Металопластика и Татран Прешов.

Тимот од Битола одлично го започна мечот, воглавно го контролираше резултатот и највисоката предност во првото полувреме изнесуваше 9:13 за македонската екипа.

И стартот на вториот дел ветуваше дека конечно на прав начин како што доликува ќе блесне Еурофарм Пелистер и против едно големо име на ракометната мапа, какво што е хрватскиот ППД Загреб, откако на семафорот стоеја и највисоки 12:17 и тука како да застана „магијата“ на гостите.

Повторно онаа слика од минатото, со многу добар старт и наместо постепено одржување на водството, истото беше анулирано во важен период од второто полувреме.

При 12:17 домаќинот направи серија од 5:0 за израмнување, истата ја прекина Кукуловски за 17:18 и тоа беше последната позитива која ја имаше нашиот претставник.

Се играше гол за гол, во 49 минута Радовиќ израмни на 20:20, а потоа кога е најпотребно следуваше нов пад на концентрацијата, четири гола во низа за Хрватите што беше и можеби клучен момент за кршење на сите надежи, веќе како да се откажаа играчите на Еурофарм Пелистер и крајот се помирија со првиот пораз сезонава во регионалното натпреварување.

Кај стрелците во редовите на ППД Загреб Буриќ запиша пет голови, по еден помалку Вистороп и Мраковчиќ. На спротивната страна доминираше Периќ со седум погодоци, четири забележа Граџан, додека голманот Чаневски имаше девет одбрани, а запре и еден седмерец.

Следните предизвици за Еурофарм Пелистер се во Лига Европа, односно на домашен терен во Битола на 10 и 11 февруари ќе игра два натпревари против унгарската екипа на Татабања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот