ВИДЕО: Есенските реконструкции им ги „истенчија“ нервите на скопјани, Арсовска тврди секое време било добро за работа

Есенската реконструкција на скопските улици создаде хаос во сообраќајот/Фото: Слободен печат

Сообраќаен хаос, колони возила, нервозни возачи кои се обидуваат од Аеродром да стигнат кон центарот на градот и заглавуваат на булеварот Кузман Јосифовски Питу поради градежните работи кои се одвиваат на потегот од Транспортен центар до крстосницата со булевар Кочо рацин. Ова е секојдневната слика пред Народна банка откако пред два месеци започна реконструкцијата на оваа делница од булеварот и според најавите ќе потрае до почетокот на наредната година и тоа доколку временските услови дозволат дотогаш да се завршат работите.

Градоначалничката Данела Арсовска тврди дека нема вистинско време за да се отпочне со работа, затоа што граѓаните барале булеварите да бидат средени, да не се движат по раскопани, необележени и полни со дупки булевари. Според неа станува збор за сериозна реконструкција, при што се работи и на подземните инсталации.

Граѓаните не сакаат само квалитетен булевар, сакаат и квалитетна атмосферска канализација каде што нема да се потопува тој булевар на секој дожд, сакаат и квалитетен водовод, сакаат промена на оние стари цевки – рече Арсовска.

И навистина, граѓаните сакаат да се движат по безбедни и средени улици, но не сакаат секојдневно, по половина час да стојат во колони поради реконструкциите кои Град Скопје ги започна есенва, а цело лето, кога поради летните одмори има помала фреквенција на сообраќај низ Скопје, не беше ставен ниту метар асфалт.

Не сакаат ни да ги кршат возилата по раскопаните булевари на кои во моментов се работи, да се пробиваат низ механизацијата ангажирана за реконструкциите. Ако веќе мора да се реконструираат истовремено три битни улици во централното градско подрачје, тогаш барем можеше да се направи соодветно пренасочување на сообраќајот, да не се вози преку булеварот каде во моментов се работи и да се смисли начин како да не биде половина од градот „заглавен“ кога луѓето одат и се враќаат од работа.

Освен на булеварот Кузман Јосфовски Питу, во моментов се работи и на дел од Митрополит Теодосиј Гологанов, но и на улицата Даме Груев, зад Собрание, каде од вчера сообраќајот се одвива само по левата коловозна лента.

На скопјани ништо не им преостанува освен да се „наоружаат“ со трпение и ако можат максимално да го избегнуваат движењето со автомобили низ центарот на градот и сами да бараат алтернативни улици за да не минуваат по булеварот Кузман Јосфовски Питу. Затоа што, како што стојат работите, сообраќајниот колапс ќе потрае уште најмалку два месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот