ВИДЕО: Двајца соседи од Шуто Оризари со закани за бомба ќе ги решаваат имотно-правните односи

Двајца соседи од Шуто Оризари денеска пред камерата на „Слободен печат“ ги расчистуваа имотно-правните односи. Едниот револтиран од самоволието на соседот и незаинтересираноста на општина Шуто Оризари одлучил помош да побара од нашиот медиум, другиот пак се заканува со бомба во случај да му се сруши дивоградбата, изградена на државно земјиште на кое било предвидено да  се изгради амбуланта.

Мусли долги години живее и работи во Германија. Кога се вратил неодамна забележал дека соседот на неговиот ѕид „залепил“ дивоградба, и дури му го исекол олукот, па поројните дождови минатата недела му направиле поплава во гаражата. Се обидел да добие помош од Општината, но вели таму наишол на целосна незаинтересираност.

– Кога Oпштината дозволува граѓаните во свои раце да ги земат работите без да бара почитување на законите, резултатот е револтиран граѓанин подготвен да се бори за тоа што е негово. Соседот направил дивоградба на државно земјиште, a за тоа никој од надлежните не се интересира. Но, мене ме засега што дивоградбата е залепена за мојот ѕид, а плус тоа отишле толку далеку што го исекле и олукот па сега ми протекува вода, објаснува Мусли.

Стапивме во контакт и со сопственикот на дивоградбата. Неговата жестока реакција се претвори и во закани за бомба и палење на куќата на Мусли, кој го пријавува случајот во општина.

– Точно е дека ова е дивоградба, ама тоа не е ништо чудно, во Шутка многу куќи се дивоградби. А и тоа што е залепена за ѕидот на соседот не треба да биде проблем, од другата страна има гаража, нема соба па да му пречи. Олукот што го исековме  е грешка, ама уште денеска може да го направиме. Чекам да дојде сопругата и детето од просење и да видам колку пари ќе донесе.   Ќе собереме и од комшиите, па ќе му го направиме  олукот. Треба малку човечност,  зошто да ја сруши цела куќа за еден ѕид, а и децата се слепи, да имаат барем каде да преспијат, објаснува соседот, кој не сакаше да се претстави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот