ВИДЕО| Дугин за влакно ја избегна смртта, но не можеше да го спаси животот на својата ќерка

атентат на Дарија Дугин принтскрин Твитер

Ќерката на ултранационалистичкиот руски идеолог Александар Дугин, за кој се верува дека има силно влијание врз рускиот претседател Владимир Путин, е убиена во експлозија на автомобил во предградието на Москва, соопшти рускиот Истражен комитет. Иако многумина се сомневаат дека Дугин бил цел на атентатот, овие наводи се уште не се потврдени, но е покрената опсежна истрага за овој настан.

Дарија Дугин загина кога автомобилот што го возела експлодирал на околу 20 километри западно од главниот град околу 21:30 часот по локално време. Очевидци соопштија дека остатоците биле расфрлани низ патот додека автомобилот се запалил пред да удри во оградата.

Дарија Дугин
фото МИА

 

 

„Експлозивната направа која наводно била поставена во автомобилот експлодирала додека возела и автомобилот се запалил. Возачот починал на лице место. Утврден е идентитетот на починатиот: се работи за новинарката и политиколог Дарија Дугина“, се наведува во извештајот на Истражниот комитет.

Хронологија на вечерта пред смртта

Руските медиуми пишуваат за хронологијата на вечерта во која се случи страшната експлозија. Дугин во саботата во 18 часот одржа предавање на тема „Традиции и историја“ на фестивалот во село Захарово. Неговата ќерка беше таму како почесен гостин. Подоцна, во 21:25 часот, Дарија влегла во автомобилот и го напуштила фестивалот. Татко и бил со неа , пренесува Известија.

Автомобилот во кој се наоѓала излетал во 21:35 часот на автопатот Можајска, по што одекнала силна експлозија кај селото Болши Вјаземи.

Првично полицајците претпоставувале дека во автомобилот експлодирала боца со плин, но по првиот преглед верзијата на подметнатата експлозивна направа во автомобилот станала клучна за инцидентот.

Се уште не е позната точната локација на експлозивната направа. Се сомнева дека бомбата била закачена за автомобил на фестивалскиот паркинг. Како што се испостави, немаше безбедносни системи и видео камери.

Целта на нападот најверојатно бил самиот Дугин

Учесникот на фестивалот „Традиција“, Пјотр Лундстром, во интервју за „Известија“ навести дека оние кои го разнеле автомобилот во кој била Дарија Дугин, можеби подготвувале атентат да го убијат нејзиниот татко. Тој објасни дека Дугин требало да се вози во автомобилот што експлодирал, но пред да замине решил да се префрли на друг автомобил.

Шефот на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), Денис Пушилин, ги нарече „терористите на украинскиот режим“ одговорни за смртта на ќерката на познатиот филозоф Александар Дугин. Тој тврди дека „терористите на украинскиот режим, обидувајќи се да го елиминираат Александар Дугин, ја разнесоа неговата ќерка“.

Пријателот на Дарија и шеф на социјалното движење „Руски хоризонт“, Андреј Краснов, смета дека бомбата може да биде наменета за нејзиниот татко.

“Ова беше возилото на АЛександар Дугин . Дарија возеше друг автомобил, но денес го зеде неговиот, додека Александар тргна на другата страна. Тој се врати и дојде на местото на трагедијата. Колку што разбрав, Александар бил цел или најверојатно двете“, изјавија Краснов, пренесува „Гардијан“.

Александар Дугин
принт скрин Јутјуб

Кои се Александар и Дарија Дугин?

Дугин е познат по развивањето на екстремно десничарски поглед на Русија. Тој во западните медиуми беше опишан како „фашист“ кој помогна во обликувањето на експанзионистичката надворешна политика на Владимир Путин, пишува Гардијан
Дугин е истакнат ултранационалистички руски идеолог за кој се верува дека е близок со рускиот претседател. Тој се смета за креатор или „духовен водач“ на руската воена операција во Украина, како и дека има значително влијание врз претседателот Путин, поради што го нарекуваат „мозокот на Путин“.

Неговата ќерка Дарија (30) студирала филозофија на Московскиот универзитет. Во март оваа година, таа се најде на американската листа на санкционирани Руси како уредник на веб-страницата на Обединетиот свет (UWI), каде во напис изјави дека Украина ќе исчезне доколку биде примена во НАТО.

Во едно интервју во мај, Дарија ја опиша војната како „судир на цивилизации“ и изрази гордост што таа и нејзиниот татко биле санкционирани од Западот.

Александар Дугин беше санкциониран уште во 2015 година поради неговата наводна вмешаност во руската анексија на Крим. Со години, тој ја повикува Москва да се наметне поагресивно на глобалната сцена и ја поддржува руската воена акција во Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот