ВИДЕО: Државата го поттикнува производството и промовирањето на македонското вино

Горан Јаковлевски претседател на здружението Тиквешки семејни винарии и Ѓорѓи Наумчев енолог/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Македонските винари пред неколку години проценија дека сопственото грозје може да го преработат во вино и да се обидат тој производ да го понудат на пазарот. За таа цел формираа здружение и како правен субјект се обратија во Министерството за земјоделие со намера да извршат промени во законската регулатива.

-Здружението Тиквешки семејни винарии го формираа неколку винари од тиквешкиот регион во 2019 година со цел да дојдеме до одредени права како земјоделци и производители на вино. Побаравме измени на законот за вино и тоа е нашата прва активност. Освен со нашето формално присуство, сакавме на институциите да им покажеме дека и практично постоиме и дека може да произведеме квалитетно вино. Меѓутоа, со оглед што не бевме регистрирани како производители, беше потребно да направиме одредени активности со измена на правната регулатива за да може да се регистрираме. На средбата со министерот за земјоделие Љупчо Николовски побараме разбирање за нашата ситуација, односно законот за вино и другите акти да се прилагодат на потребите на македонските винари по примерот на државите од поранешна Југославија, а сега членки на ЕУ, Словенија и Хрватска. Во периодот кога побаравме соодветна регистрација за нас во Македонија имаше околу 70 регистрирани производители додека во овие две држави повеќе од 40 илјади производители. Во 2020 година, како резултат на конкретните мерки од министерството за земјоделие се регистриравме околу стотина семејни винарии, истакна Горан Јаковлевски претседател на здружението Тиквешки семејни винарии во емисијата „Утрински печат“.

Ѓорѓи Наумчев, енолог и еден од првите винари истакна дека неговите почетоци како производител на вино датираат од пред две ецении, од една страна и мотивите да започне со ваков вид бизнис произлегол од потребата да се преработи грозјето кое во тој период било со ниска цена, од друга страна. Според него сакале да имаат финален производ- вино, наспроти тогашното расположение кај мнозинството земјоделци да се продава грозје.

-Моето образование е енолог и тоа беше клучно да се определам за производство на вино. Знам дека за добро вино е потребна селекција на добро грозје, а ние тоа го имаме. По формирањето на Здружението имав можност да учествувам два пати на винска манфестација во Болоња, Италија со промоција на сопствено вино. Исто така, сум учествувал на презентации на вино во Словенија, Полска и Албанија. Од учеството во Италија имам позитивно искуство и тамошните винари, љубители на вино и граѓани беа позитивно изненадени од нашето македонско вино и  имаа само комплименти – истакна Ѓорѓи Наумчев.

Бројот на винари ќе се зголемува, а со тоа и конкуренцијата за на крајот сите да бидеме задоволни зашто може да имаме квалитетно вино во државата кое може да нè претстави во светот.

-Македонија има реален потенцијал да оствари раст и развој во винската индустрија и вино производството. Нашето здружение се зголеми и имаме околу 60 членови од различни градови, но најмногу се од тиквешкиот регион. Наша определба е Македонија да биде препознатлива во Европа според производството на квалитетно вино. Со регистрирањето на малите семејни винарии и со поддршката од министерството за земјоделие ние имаме услови и потенцијал за зголемување на производството на вино. Само како пример би потенцирал дека туристите што ја посетуваат нашата земја имаат можност да го пробаат нашето вино и од нивните реакции на средбите со нив може да бидеме задоволни, но и мотивирани да продолжиме – истакна Горан Јаковлевски.

Државата и предходно и сега го поттикнува промовирањето на македонското вино за што издвојува средства, вели Јаковлевски и додава дека тој е еден од добитниците на грант од министерството за земјоделие во висина од 10 илјади евра за обезбедување опрема за производство на вино.

-Во неколку градови во Македонија имаме активности за промоција на виното, вели Наумчев. Станува звор за манифестации на вино во Скопје, Охрид, Битола, Демир Капија и Кавадарци и каде што се понудува нашето вино. Постојат стандарди и тоа е карактеристично за тиквешкиот регион како регион со заштитено потело, односно нормирана е одредена структура на виното. За ова можам да кажам дека во Македонија има многу повеќе стручни лица и консултантски агенции што им помагаат на семејните винарии во овој поглед. Ние според вкупното количество се уште сме мали производители и оваа помош од 10 илјади евра е соодветна на нашата „сила и моќ“ како производители. На пример моето количество се движи до 30 илјади литри на годишно ниво, додека другите членови можат да произведат помалку или околу 5 илјади литри годишно што е мало количество, истакна Ѓорѓи Наумчев.

Целиот разговор со Горан Јаковлевски претседател на здружението Тиквешки семејни винарии и Ѓорѓи Наумчев енолог и еден од првите винари погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот