ВИДЕО | Дронови разнесоа руски воз со проектили на Крим

Фото Твитер

Вагони со руски крстосувачки проектили „калибр“ биле уништени при напад со беспилотни летала врз воз на железничката станица во Џанкој на Крим, само три дена откако рускиот претседател Владимир Путин ненајавено го посети анектираниот полуостров.

Рускиот управител на Џанкој изјави дека еден цивил бил ранет од шрапнели од соборен дрон. Киев го потврди уништувањето на проектилите, но, како и повеќе пати до сега, не презеде одговорност за напади извршени длабоко зад линијата на фронтот.

– Експлозија во Џанкој на северот на привремено окупираниот Крим уништи руски крстосувачки проектили „калибр КН“ додека биле транспортирани со воз. Експлозиите го продолжуваат процесот на демилитаризација на Русија и подготвуваат деокупација на украинскиот полуостров Крим – објави украинското Министерство за одбрана.

Киев додаде дека проектилите „калибр“ биле транспортирани со воз до руската Црноморска флота. Крстосувачките проектили се лансираат од брод и со нив може да бидат гаѓани цели на копно на далечина над 2.500 километри или на море на далечина од 400 километри. Еден проектил чини околу 1 милион долари. Не е објавено колку проектили „калибр“ имало на возот и колку од нив се уништени.

Ихор Ивин, рускиот администратор на Џанкој, не спомна ни збор за воз и проектили. Тој истакна дронот вооружен со експлозив и шрапнели бил истрелан врз цивилни цели и дека парче ос соборениот дрон ранил 33-годишен маж.

Телевизијата „Крим 24“ јави дека експлозијата предизвикала пожар во приватна куќа, училиште и бакалница, а била оштетена и електричната мрежа.

И Олег Кричков, советник на рускиот администратор на Крим Сергеј Аксјонов, изјави дека дроновите имале цивилни цели.

– Сите дронови беа насочени кон цивилни цели. Еден беше погоден над техничкото училиште и падна помеѓу училниците и студентскиот дом. Во близина нема воени цели. Други (дронови) беа соборени во населени реони. Покрај експлозивот, секој (дрон) носеше шрапнели – изјави Кричков.

Украински офицери тврдат дека цели региони од Џанкој се пренаменети во воени зони и дека градот сега е најголемата руска копнена воена база на Крим. Британското Министерство за одбрана лани оцени дека Џанкој е главната железничка и патна крстосница и е клучна точка за операциите за доставување оружје и муниција до руските сили во јужните делови на Украина.

Ова не е прв напад на полуостровот за кој Украина не презема одговорност. Со девет дрона во октомври 2022 година беше нападната Црноморската флота во пристанишната база Севастопол на Крим, при што беше оштетен борбен брод. Во август, пак, проектили уништија седум борбени авиони во воздухопловната база Саки на југот на Крим, при што загина и едно лице.

Во реонот на Џанкој, пак, лани во август беше извршена саботажа во магацин за муниција кај селото Мајское, поради што беа евакуирани сите луѓе во радиус од 5 километри околу магацинот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот