ВИДЕО | Драматични евакуации во Грција, Турција и Италија

Десетици туристи во паника, како и локални жители во Грција, Италија и Турција беа евакуирани овој викенд со чамци и бродови, бидејќи шумските пожари беснееја во трите земји.

Сицилијанските пожарникари ги изгаснаа пожарите предизвикани од новиот топлотен бран во саботата, а гувернерот на регионот побара помош од Рим, пишува Euronews.com. Околу 150 луѓе заробени во две крајбрежни области во градот Катанија беа евакуирани преку море доцна во петокот. Ги собрале гумени чамци и ги пренеле на бродовите на италијанската крајбрежна стража.

Евакуација во Грција

Четири села во Грција се евакуирани поради пожарот. Шумските пожари што избија во западниот дел на Пелопонез во саботата ги принудија грчките власти да евакуираат четири села, како и туристи од плажите.

Пожарот избувна во планинска шума, на околу 30 километри источно од Патра, изјави министерот за цивилна заштита, Михалис Хрисохоидис.

Огнот, потпомогнат од силен ветер, се спушти кон морето. На жителите на четири села – две на брегот и две на ридовите – им беа испратени пораки за евакуација. Во гаснењето учествуваа 290 пожарникари, осум авиони, седум хеликоптери и специјален брод, кои ги евакуираа луѓето од плажите.

Поради пожарот патот Атина-Патра беше затворен, како и мостот Рио Антирио. Во последните 24 часа во Грција избувнаа 56 пожари, кои се отежнати од сувото време, топлотните бранови и силниот ветер.

Повеќето од нив се под контрола. Врвот на топлотниот бран се очекува во Грција во понеделник, со температури до 46 степени, но до петок ќе остане околу 40 степени Целзиусови.

Исплашени туристи во Бодрум чекаа спасувачи на брегот

Исплашени туристи од Турција побрзаа на брегот да чекаат чамци за спасување, откако некои хотели во Бодрум беа евакуирани поради опасност од пожари во близина.

Операцијата за евакуација беше предводена од крајбрежната стража, а властите побараа од сопствениците на приватни чамци и јахти да помогнат во напорите. Бројот на загинати во турскиот медитерански град се зголеми на шест во саботата, откако загинаа двајца шумари.

Од средата, шумите и голем број населени места се уништени во пожарите низ цела Турција, а пожарот се приближи до селата и туристичките одморалишта, принудувајќи ги луѓето да се евакуираат. Министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли во саботата рече дека 88 од 98 -те пожари, кои избувнаа поради силните ветрови и високите температури, се ставени под контрола.

Турските власти населбите погодени од пожарот во пет провинции ги прогласија за зона на катастрофа. Претседателот Реџеп Таип Ердоган ја посети областа во саботата и ги провери штетите од хеликоптер.

Ердоган најави дека турската влада ќе ги покрие трошоците за изнајмување станови за луѓето погодени од пожарот и ќе ги обнови нивните куќи. Тој најави дека ќе се одложи плаќањето на даноците, социјалното осигурување и ратата од заемот за погодените од пожарот, и дека ќе им понуди бескаматни заеми на малите компании.

„Не можеме да сториме ништо повеќе отколку да посакуваме милост Божја за загубените животи, но можеме да замениме се што беше изгорено“, рече Ердоган во Манавгат.

Тој наведе дека бројот на авиони што го гаснат пожарот се зголемил од шест на 13, вклучувајќи авиони од Украина, Русија, Азербејџан и Иран, а илјадници луѓе учествуваат во напорите, како и десетици хеликоптери и беспилотни летала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот