ВИДЕО: Достоинствени плати и еднаков третман, побараа вработените од Министерството за култура на протест пред Владата

Протест на вработените од културата/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со свирчиња и извици претпладнево на протест пред Владата излегоа вработените во Министерството за култура, со барање за зголемување и на нивните плати откако на сметките на колегите од Министерството за финансии легна покачување. Без колективен договор овие вработение во културните институции и во Министерстово нема да го добијат повисоки плати како нивните колеги од јавната администрација.

-Не смее државата да има двојни критериуми за вработени во иста категорија, во иста група, коишто се под ист закон. Министерството за финансии изигрувајќи го системот донесе закон за буџети со кој предвиде зголемување на плати само за одредена категорија вработени кои пак се во иста категорија како колегите кои денеска протестираат. Го бараме истото за сите вработени, рече Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

На протестот пред Влада денеска излегоа вработените во Министерството за култура, од Агенцијата за филм и од Управата за културно наследство. Претходните денови тие протестираа пред Министерството за финансии и упорно бараа средба со министерот Фатмир Бесими кој не најде време да ги сослуша, откако ги покачи платите во неговиот сектор со изговор дека вработените си заминувале поради премалите плати во јавниот сектор.

-Бараме минимум 30 проценти покачување за сите вработени од трите синдикални организации на синдикатот на УПОЗ или потпишување на Колективен договор како што тоа го имаат направено колегите од Синдикатот на културата односно во дејноста култура, вели Деаноски.

Културните работници останаа на маргините со најниски плати од 18.000 до 30.000 денари, односно највисока плата во овој сектор, според Деаноски е 33.000 денари, а одговорноста што ја имаат овие луѓе е многу поголема од останатите вработени во јавниот сектор. Исплатата на ваквите месечни примања, сметаат овие вработени се недостоинствени па бараат еднаков третман на сите државни службеници.

-Повеќе од 70 проценти во Министерството, односно 90 проценти од Управата за заштита на културното наследство земаат под просечната плата, односно просечно околу 25.000 денари. Она што го бараме е согласност од Министерството за финансии да се потпише Колективен договор на ниво на работодавец и со тоа да ги реализираме нашите права осносно покачување во просек од 30 проценти, аналогно на покачувањето на платите за вработените во Министерство за финансии, рече Ирина Димовска, член на извршниот одбор на синдикатот при Министерството за култура.

Таа потенцира дека во Министерството за култура се администира работата на вкупно 68 национални установи од областа на културата и на 49 локални установи.

-На годишно ново спроведуваме конкурси на кои аплицираат повеќе од 5.000 корисници. Барем половина од тие се предмет на договор, склучуваме договори ос нив, ги следиме понатаму. Значи обемот на работата на вработените ов мин за култура е обемен. Затоа цениме дека заслужуваме рамноправен третман со останатите. Вака сме ставени во нерамноправна положба во однос на колегите од Министерстовото за финансии, Собранието и ќе останеме до исполнување на нашите барања, вели Димовска.

Вработените во културниот сектор сметаат дека нивното барање е достоинствено и со Колективниот договор конечно да се валоризира трудот на сите вработени професионалци во Министерството за култура во сооднос како во другите министерства каде има покачување на платите.

-Сметаме дека државата, институциите на системот ќе смогнат сили да го прифатат и нашето барање со цел да бидеме подеднакво третирани сите државни службеници во сите министерства подеднакво, дециден е претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски.

Но свирежите и апелите на административците од културата претходно не допреа до министерот за финансии Фатмир Бесими, а денеска ниту до неговите колеги од Владата на РСМ.

-Преговорите во последно време се многу тешки, бидејќи како да не постои социјален дијалог и социјално партнерство. Еве шести ден на протести, министерството за финансии не не прима, мислам дека и нема да не прими и ќе мора да радикализација на протестите. Денеска сме пред влада, може да не прими вицепремиер, премиер или било кој што може да разговараме со него за овие прашања, меѓутоа сега за сега, иако праќаме до нив барања за средба немаме позитивен одговор, рече Деаноски.

Тие се децидни дека ќе ги продолжат протестите до конечното исполнување на нивните барања.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот