ВИДЕО | „Дојди на двобој“: Газдата на „Вагнер“ Пригожин го предизвикува Зеленски

Основачот на руската паравоена формација „Вагнер“, Евгениј Пригожин, објави снимка на која се гледа како тој лета во борбена мисија во Украина и од пилотската кабина на воен авион го предизвикува украинскиот претседател Володимир Зеленски на „воздушен дуел“.
Видеото го објави прес-службата на Пригожин, со изјава дека видеото е снимено во пилотската кабина на бомбардерот „Су-24“, кој го користи групата „Вагнер“, пренесува „Ројтерс“.
– Володимир Олександрович (Зеленски), слетавме. Го бомбардиравме Бахмут. Утре ќе летам со „МиГ-29“. Ако сакаш, да се сретнеме на небото. Ако победиш, заземете го Артјомовск (Бахмут). Ако не, напредуваме до Днепар – му се обраќа Пригожин на Зеленски во видеото.
Пригожин, кој е близок соработник на Владимир Путин, лани во септември за првпат јавно призна дека е основач на групата „Вагнер“.
Минатиот месец, САД ја класифицираа групата како меѓународна криминална организација, а се известува дека околу 50.000 членови на групата моментално се на бојното поле во Украина.