ВИДЕО | Димковска: Пишувам исклучиво на македонски јазик и тоа е моја политичка одлука

„Гранична состојба“ e новата стихозбирка на Лидија Димковска, еден од најзначајните авторски современи книжевни гласови, беше промовирана деновиве во издание на „Или-Или“. Тоа е нејзина седма поетска книга.

„Гранична состојба се роди буквално за време на пандемијата, поточно почнав да пишувам роман, но песните почнаа толку многу да се појавуваат во мене што едноставно го оставив романот и ја завршив целата збирка затоа што се чувствував дека сум фатена во некоја гранична состојба но и светот беше во гранична состојба. Сепак нешто такво како ковид-19 му се немаше случено на човештвото, барем за време на мојот живот, тоа беше голем притисок и внатрешен и надворешен, но и голема инспирација за уметниците бидејќи се најдовме соочени со себе, со нашето време, со светот во којшто живееме, со човештвото на кое му припаѓаме и почнавме да си поставуваме егзистенцијални прашања кои ги имавме подзаборавено.Мене светот ми се виде како гранична состојба, затоа и напишав книга во која опфаќам теми кои се гранични како животот, смртта, распаѓањето, војните, миграциите, всушност сите кризи на човековиот идентитет. Всушност сакав да ги сумирам тие тешки, гранични состојби и кај читателот да предизвикам катарзично чувство и да продолжат со чувство на надеж.

Во уметноста ја признавам радикалноста, бидејќи сметам дека уметноста треба да се создава тогаш кога навистина авторот има насушна потреба, тоа е како еден вид дишење, ако не можеш да дишеш без уметноста, создавај ја, а ако можеш тогаш прави нешто друго. Во уметноста не прзнавам конвенционални граници, не мислам дека во уметноста треба да бидеме фини, љубезни, пристојни, туку напротив да ги срушиме бариерите и да го покажаме сето она од кое светот бега или ги затвора очите“, вели за Утрински брифинг, писателката Лидија Димковска. Иако повеќе од 20 години живее и работи во Словенија таа вели дека ќе продолжи да пишува исклучиво на македонски јазик.

„Тоа што пишувам на македонски јазик е и моја политичка одлука, би можела секако да пишувам на словенечки па и на некои други јазици, меѓутоа решив да пишувам на македонски бидејќи тоа е мој мајчин јазик. Тоа е јазик кој што го оспоруваат, тоа е јазик кој има проблеми и едноставно сакам да го радикализирам и тоа прашање за јазикот затоа што е тоа јазикот на кој зборувам и пишувам и тоа е јазик кој што постои. Литературата настаната на македонски јазик е апсолутно литература која што постои и која не може да се пренебрегне. Моите книги се преведени и на бугарски јазик, имам преведувач во Бугарија и не можеме да кажеме дека македонскиот јазик не постои“, додава Димковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот