ВИДЕО | Димитров: Mакедонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на ЕУ

Ситуацијата со пандемијата е голема пречка за европската агенда  и за дипломатијата бидејќи се оневозможени патувањата и средбите лице в лице што во дипломатијата имаат посебна тежина. Сепак, преку интензивни и секојдневни телефонски разговори и видеосостаноци една од нашите клучни мисии во овој комплициран период ја остваривме. Принципиелната позиција на државата и во стратешката определба кон ЕУ ама и во цврстиот став за тоа кои сме и што сме како сплет на две целосно компатибилни тези е уважена и разбрана од нашите европски партнери  и од земјата претседавач во изминатите шест месеци Германија, на која сакам посебно искрено да и се заблагодарам за поддршката и помошта низ овој период.

Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во отчетот за неговиот дел од работата во рамки на 100 дена Влада.

– Неколку пати досега кажав дека ние немаме намера да креваме раце и да бегаме. Браниме кристално чисти вредности, вредности на кои се изградени темелите на самата ЕУ и во овој дух и со оваа енергија ќе продолжиме да бараме решение со соседна Бугарија што е можно само низ призмата на заемна почит. Во меѓувреме самата европеизација на македонското општетство не смее да чека. Наш јасен фокус и план за следниот период е мапирање на неколку клучни проекти и реформски процеси што сакаме да ги реализираме во овој мандат, рече Димитров.

Тој потсети дека во октомври земјата доби како што вели, одличен извештај што ни дава признание за досега сработеното и дава поттик за иднина, но дава и јасна слика за тоа каде „си имаме мака”.

-Тој патоказ од Брисел имаме намера да го искористиме за сериозно да ги размрдаме и да влиајеме врз процесите дома. Се уште немаме јасна програмска и буџетска рамка заради тешките реговори за новиот буџет на ЕУ, но успеавме да го завршиме планирањето на европската предпристапна помош за периодот до 2027 година.Околу 300 службеници координирани од СЕП макотрпно работеа на подготовка на проекти кои тежат над 200 милиони евра само за 2021 и 2022 г. Паралелно, а по објавувањето на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан ги спрегнавме сите расположиви капацитети, механизми и ресурси за подготовка на единствена листа на големи инфраструктурни проекти од кои дел ќе бидат финансирани преку овој инструмент. Денеска оваа листа која содржи проекти како железничко поврзување по Коридорот 8 или изградба на пречистителна станица во Скопје  и формално ќе ја усвоиме на националниот инвестициски комитет и ќе ја доставиме до ЕУ и меѓународните финансиски партнери, потенцира Димитров.

Започната е, рече и подготовка на политика на задржување на постоечките и привлекување нови кадри во структуирите кои ќе придонесат во зголемување на апсорбциската моќ на европските и други фондови.

-По цела декада СЕП, додаде, ќе направи и системска подготвка на националната верзија на европското законодавство. За таа цел денеска потпишал одлука за ангажирање на 16 надворешни преведувачки агенции со 117 лица кои ќе почнат со преведување на европското аки на македонски јазик, како една од обврските на пристапниот процес по чие заокружување, нагласи, македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на ЕУ- рече Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот