ВИДЕО: Дел од коњаниците ја бојкотираат манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ која почнува вечерва

Во пресрет на чествувањата по повод Денот на Републиката, поделбите кои се редовен „декор“ на прославата започнаа, откако дел од коњаниците кои традиционално ги поздравува градоначалникот на Крушево, одбија да бидат дел од програмата „10 дена Крушевска Република“

Во Крушево денеска се прават последните подготовки за манифестацијата Научно културни средби „Десет дена Крушевска Република” која започнува денеска во 18 часот, со поворка од центарот на градот кон Гумење. Крушево во пресрет на Денот на Републиката и големиот празник Илинден е преполн со посетители и во наредните денови ќе пулсира и во духот на славното минато и традицијата како и на модерното, славејќи го 119 години од почетокот Илинденското востание и вредностите, стремежите и идеалите кои од востаниците, преку борците во НОВ се вградија во темелите на независната македонска држава.

Градоначалникот на Крушево и претседател на Советот на НКС веќе реагираше на Фејсбук дека дел од коњаниците одлучиле да ја бојкотираат организацијата „свесно или не да ја нарушат традицијата на пречек на коњаниците“.

-Дали се работи за одредено политичко влијание или партиска (не)подобност? – прашува градоначалникот Томе Христоски кој е од редовите на СДСМ и порача „да ја чуваме и негуваме традицијата, затоа што Илинден е нашиот идентитет и наша сила за иднината на сите, без оглед на припадноста по партија, религија и националност“.

Минатата недела кон Крушево се упатија четири групи коњаници, од скопски Аеродром, од струмичко Радово, Бигорската коњаница и битолската „Галоп“ и според програмата тие денеска во 18 часот од центарот на Крушево заедно со граѓаните и делегациите треба да се упатат кон месноста Гумење каде вечерва почнува богата културно уметничка програма, прво со настапите на Танец, оркестарот на Филхармонија и хорот на Националната опера и балет, како и балерината Ивана Коцевска.

Свое обраќање пред граѓаните и посетителите ќе има и премиерот Димитар Ковачевски. Ќе се прочита и Крушевскиот манифест со кој во 1903 година востаниците го повикуваат населението од крушевскиот крај на заедничка борба против османлиската власт.

Во 22 часот почнува целовечерен концерт на кој настапуваат Камерниот оркестар и популарните пејачи Тамара Тодевска, Наде Талеска, Виктор Апостоловски и Викторија Лоба. Пред полноќ кога се изведува импровизираниот напад на градот и подигнувањето на бајракот на слободата, на Гумење ќе бидат емитувани сцени од филмови посветени на Крушевската република.

Централната манифестација на 2. август на Мечкин Камен

На утрешната централна манифестација на Мечкин Камен, владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на самопожртвуваноста на востаниците за одбрана на Крушевската Република.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски се првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Од 10:30 часот, владината делегација ќе присуствува на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“ и ќе положи цвеќе на споменикот на Мечкин камен, по што во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која свечено ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Делегација од Кабинетот на претседателот на РСМ исто така ќе положи цвеќе на Мечкин Камен, додека претседателот Стево Пендаровски по повод празникот ќе присуствува и на чествување во манастирот Св. Прохор Пчински, историското место на одржувањето на првото заседание на АСНОМ во 1944 година, така наречениот Втор Илинден во македонската историја.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма, соопштија од Влада без да прецизираат кои се гостите кои ќе ја забавуваат публиката.

Концертите, забавите и уметничката програма продолжува од среда до среда

Од среда продолжува предвидената програма во рамки на Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. На летната сцена кај Спомен куќата „Тодор Тоше Проески“ ќе се прикаже македонскиот игран филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов Изи со почеток во 21 часот.

Необичен спој на симболот на крушевскиот бој и популарната филмска футуристичка сага „Ѕвездени војни“ е изложбата на познатиот уметник Зоран Кардула пред Споменикот Илинден која се отвора на 4. август. По оваа изложба на Кардула инспирирана од филмскиот серијал Star Wars и вонвременскиот изглед на споменикот Илинден следува забава со ди џеј сет на Томи Бојаџи.

Наредните вечери од 5. до 8 август се тематски и на летната сцена Музеј на НОБ публиката може да ужива во влашките песни и нивната култура и традиција (5.август), Крушевската вечер е посветена на младите и нив ќе ги забавуваат локални ди-џеи (6. август), а неделата вечер (7. август) е резервирана за најмладите кои ќе може да уживаат во песничките од прилепскиот детски музички фестивал „Весели ѕвончиња“. Во понеделник (8. август) е музичкото шоу на тенорот Влатко Груевски кој одбележува 10 години кариера како оперски пејач.

Љубителите на драмската уметност на истата летна сцена на 9. август ќе може да ја проследат монодрамата на Димитрина Мицкоска „Женска утопија“ работена според драмите на Јордан Плевнеш.

На 10. август се затвора манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ и пред споменикот Илинден од 20.30 часот ќе настапи популарното музичко дуо Дац и Александар со познати македонски евергрини во нивна интерпретација.

Во 22 часот на Гумење почува церемонијата на спуштање и засолнување на бајракот и почесна стрелба за хероите на Илинден и Крушевската Република.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот