ВИДЕО | Даријан Пејовски: Новиот филм обработува современи актуелни теми од нашето општество

Даријан Пејовски, режисер / Утрински брифинг
Даријан Пејовски, режисер / Утрински брифинг

Вториот долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, „Мими“ ќе го отвори 21. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. На 7 јули ќе се одржи светска премиера на овој филм кој е селектиран во SEE програмата и ќе се натпреварува за една од наградите на „Синедејс“.

„Филмот се случува во Скопје, се случува денес, така што мислам дека светска премиера на домашен филм на единствениот релевантен скопски фестивал е добро место да се почне со промоција на филмот.

Понекогаш едноставно не може да одлучите од каде ќе почнете, понекогаш се работи за сплет на околности. И со претходниот мој филм „Три дена во септември“ и со овој почнавме со „Синедејс“, а веднаш потоа одиме на фестивалот во Пула.

И овојпат во главните ликови се женски, не мора да сте жена за да напишете женска проказна, но мора да сте слеп да не ги видите проблемите со кои се соочуват жените. Во прашање е повеќе опсервација и афинитет кон тродимензионални ликови без оглед дали се жени или мажи. И овојпат тоа се жени и за тоа има и една практична причина, за жал, а тоа е дека женски лик сигурно е дека ќе има многу повеќе проблеми и препреки отколку маж во едно вакво општество и тоа помага во една драмска конструкција.

Филмот се занимава со ликови кои им се наметнати од страна на општеството, од страна на родителите, на средината, нивните современици итн. односно играат улоги што не си ги одбрале самите, туку некој им ги доделил. Изборот за мајчинство, семејното насилство се теми кои се добра алегорија за времето што го живееме“, вели за Утрински брифинг, режисерот Даријан Пејовски.

Главните улоги во „Мими“ ги толкуваат Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, покрај Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула, Софија Куновска, Стефан Спасов и други.

Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески е кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, а костимите на Емилија И. Атанасовска. Александар Пејовски ја напиша музиката. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ. Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Црна Гора.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот