ВИДЕО: Д-р. Зекири: Во Козле нема ниту едно празно место, поголем број пациенти се со ниска сатурација

ФОТО: Драган Митрески - Слободен Печат.

Капацитетот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле кој неодамна беше пренаменет во Ковид центар е пополнет. Нема ниту едно слободно место за прием на нови пациенти. Од 45 пациенти, 8 се со ниска сатурација и се на кислородна поддршка, рече денеска во Утрински брифинг директорот на болницата, Бесник Зекири.

-Здравствената состојба на околу триесетина пациенти се подобрува и очекуваме во наредните денови нивно испишување од болница, со што би се обезбедиле дополнителни капацитети за нови пациенти, вели Зекири.

Пред две недели детката болница Козле беше пренаменета во Ковид центар, а сите деца кои тогаш биле затекнати во болницата, биле препратени во Клиниката за детски болести.

-Сите деца кои се позитивни на Ковид, но и децата со други болести директно одат на Детската клиника. Моментално во болницата Козле не се вршат прегледи на деца. Кога пред два месеца бев назначен за директор на болницата, имав други планови за третман на децата, посебно затоа што во ек е сезоната на алергиите,  ние сме установа која ги третира белодробните заболувања кај децата, но зголемениот број заразени ни ги промени плановите. Очекуваме до крајот на април да се нормализира ситуацијата и веќе од мај да продолжиме да работиме со прием и прегледи на деца во болницата. За тоа да се случи прво ќе треба да ги испишеме сите пациенти болни од коронавирус и да се направи комплетна дезинфекција за што ќе биде потребно околу две недели, вели директорот на болницата, Зекири.

Тој и сите останати вработени во болницата се во секојдневен директен контакт со вирусот. Зекири вели дека пред да ги прими двете дози на вакцината многу повеќе се плашел за сопственото здравје, но откако се вакцинирал, се чувствува побезбедно.

-Во клиниката има 23 вработени, дел од нив за заразија од вирусот, за среќа без поголеми компликации. Сепак, откако се вакцинирав морам да нагласам дека се чувствувам многу побезбеден. Персоналот во Клиниката беше вакциниран со првите дози што пристигнаа во Македонија, од вакцината на Фајзер. Од вакцината немавме никакви компликации, и затоа ги охрабрувам сите да не се двоумат, да се вакцинираат затоа што тоа е единствен начин да се спасиме од пандемијата. Проценките се дека можно е да има еден смртен случај на милион жители, ако во Македонија има два милиона жители, веројатноста е дека можно е да има два смртни случаи предизвикани од коронавирус. Од друга страна секојдневно имаме над 40 смртни случаи како последица од корона. Мислам дека е јасно дека вакцината може да ни донесе само добро, нагласува Зекири.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот