ВИДЕО | Д-р Трпевска: Бомбардирани сме од парченца информации кои ја нарушуваат моќта за критичко расудување

Снежана Трпевска
Снежана Трпевска/Фото: Слободен печат

Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС со своите анализи цели кон унапредување на теоретското и практично знаење за проблемите на општествената промена.

-Кога го основавме РЕСИС имавме идеја дека општествената наука треба да го набљудува критички и да го истражува и влијае на опкружувањето, а не да биде затворено во академски, образовни кругови. Тоа е мото и на многу големи социолози, вклучувајќи го и Макс Вебер. Ние тргнавме со уверување, можеби идеалистичко, не знам колку ќе успееме, бидејќи истражувањата многу не се вреднуваат, но сакаме да направиме истражувања кои малку ќе се разликуваат по квалитет, кои ќе направат нешто повеќе, кои ќе придонесат во нашата реалност. Тоа нашата визија и мисија, изјави во Утрински брифинг Снежана Трпевска, д-р по социолошки науки.

Таа се осврна на зачестените истражувања на јавното мислење по различни прашања и нивната позадина.

-Во областа на истражувањето на јавното мислење има голема политизација и комерцијализација на социолошкото истражување. Има и злоупотреба. Она што зачудува е дека во академската сфера има многу малку истражувања. Факт е дека и нашата држава не го поттикнува тоа. Од друга страна заради поставеноста на образовниот систем имате потреба од пролиферација на неквалитетни академски текстови, без да има поддршка од емпириско истражување, вели д-р Трпевска.

Зборувајќи за социјалните мрежи и дебатите кои се појавуваат за одредени теми или појави таа истакна дека тие имаат конструктивна и деструктивна улога.

-Социјалните мрежи овозможуваат партиципативност, учество во таа дебата. Но има огромна еродирачка функција од различни причини. Еве и ЕУ издаде предупредување за хибридни закани. Проблемот е што она што се случува на социјалните мрежи не може да се нарече дебата. Има себепромоција, комерцијализација, бизнис. Идејата беше дека јавната дебата треба да биде со аргументи и со спротивставени мислења, но со знаење. Јавниот простор може да се злоупотребува. Ние сме бомбардирани од парченца информации кои ја нарушуваат моќта за критичко расудување, децидна е д-р Трпевска.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот