ВИДЕО | Д-р Мехмедовиќ: Сојот омикрон манифестира лесна форма на ковид-19, но ги зафаќа помладите и тоа загрижува

Д-р Злате Мехмедовиќ
Д-р Злате Мехмедовиќ / Утрински брифинг

Се’ уште е рано да се каже дали треба да стравуваме од новиот сој на коронавирус омикрон, но само два дена откако на 24 ноември беше детектиран, веќе во светот се преземаат мерки за да се успори неговото ширење. Сепак, не е решение да се затворат границите за влез на патници од земјите каде што беше детектиран вирусот. Треба да се размислува за задолжителен карантин на овие патници и тестирање за да се потврди евентуално присуство на вирусот, рече денеска во Утрински брифинг, доктор Злате Мехмедовиќ, специјалист по медицина на труд.

– Гледаме дека веќе и во поголем број од европските земји има регистриран случај на омикрон. Не е прашање дали ќе можеме да ја спречиме новата варијанта на коронавирус, туку кога ќе пристигне и кај нас. Веројатно ќе треба да се фокусираме на тоа, да го убллажиме процесот на внесување на варијантата и нејзината трансмисија помеѓу популацијата. Забраната за влез на граѓани од земјите во кои е детектиран вирусот, е многу ригорозна мерка, тоа во светот освен Израел, не го прави никој друг.  Меѓутоа треба да бидат строги контролите при влез и да се воведе задолжителен карантин. ПЦР тестовите треба да бидат задолжителни и да се повторуваат, што значи ако тестот бил негативен на влез во земјата, истиот треба да е повтори после три дена, вели д-р Мехмедовиќ.

Тој вели дека е премногу рано за да се зборува за симптомите.

– Од искуствата на лекарите кои работат во Боцвана и Мозамбик станува збор за лесна симптоматологија која е поврзана со главоболка, премореност и болки во мускулите. Од друга страна, докторите кои работат во интензивните одделенија во Јужна Африка предупредуваат на тоа дека многу млади се во средно тешка или тешка клиничка форма на болеста. Два аспекти треба да земеме во предвид, има лесна форма на болеста, но границата на заболени се спушта се пониско и ги зафаќа помладите, предупредува д-р Мехмедовиќ

– Вакцинираните и прележаните граѓани имаат на некој начин подготовка и за новиот сој на ковид. Но, информациите од Јужна Африка говорат дека половина од детектирани случаи се невакцинирани, што значи дека другата половина биле вакцинирани, но сепак не останале имуни на Омикрон. „Фајзер“ и „Модерна“ најавија дека работат на создавање на бустер доза која ќе биде адаптирана за новата варијанта, но додека да ја добиеме таа бустер доза може да поминат и неколку месеци, а тоа е период кој е многу важен за тоа како ќе се шири новиот сој и тоа не само кај нас, туку и во светот. Со оглед на тоа дека се работи на варијанта со 50 мутации, што досега не е случено, треба сериозно да го следиме процесот на ширење, објаснува д-р Мехмедовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот