ВИДЕО: Црната комедија „Кајмак“ на Милчо Манчевски премиерно на Филмскиот фестивал во Токио

Прес конференција за светската премиера на филмот „Кајмак“ на Манчевски/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Најтрофејниот македонски режисер веќе и е добро познат на јапонската публика, уште од 1995 година со филмот „Пред дождот“, а подоцна и со „Прашина“ со кои Манчевски учествуваше на Филмскиот фестивал во Токио.

Новиот филм на Милчо Манчевски „Кајмак“ влезе во официјалната конкуренција за награди на престижниот филмски фестивал во Токио. Светската премиера на „Кајмак“ е во рамките на 35-тото издание на најголемиот азиски и еден од најголемите светски филмски фестивали кој се одржува во јапонската престолнина од  24 октомври до 2 ноември годинава.

-Кога првиот пат бев во Токио го држев во раце златниот лав од Венеција на Куросава (за „Рашомон”) и видов дека дизајнот на лавот се разликува од мојот – организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-тина години што поминале. Сега одам да проверам дали е сè во ред со лавот од Токио”, изјави режисерот Милчо Манчевски.

Токискиот филмски фестивал е од А-листата фестивали заедно со Берлин, Кан и Венеција, а „Кајмак“ ќе има три проекции во рамки на фестивалот, од кои првата е на 26-ти октомври по што според продуцентот Јане Ќортошев кон средината на ноември може да биде претставен пред македонската кино публика. Откако филмот ќе изживее богат фестивалски живот, ќе биде емитуван, веројатно кон крајот на идната година и пред пошироката македонската публиката со премиера на Македонската Радио Телевизија која е копродуцент.

Инаку, во Токио Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак” ќе продефилираат на црвениот килим и ќе учествуваат во два разговори со публиката. Режисерот Манчевски ќе одржи и специјален мастерклас за јапонската стручна публика и за студенти. За светската публика филмот го задржува и оригиналниот збор, па и англискиот наслов е „Kaymak“

Манчевски е и сценарист на филмот „Кајмак“/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Најтрофејниот македонски режисер веќе и е добро познат на јапонската публика, уште од 1995 година со филмот „Пред дождот“, а подоцна и со „Прашина“ со кои Манчевски учествуваше на претходните изданија на фестивалот во Токио.

-Денес, Милчо Манчевски повторно нè носи во Јапонија со неговиот најнов филм, „Кајмак”. Во меѓувреме светот дозна за Македонија преку неговите филмови. Тие ги пренесоа на сите континенти, во стотина земји, убавините на нашата земја, ама – уште поважно – вредноста на македонската култура и македонскиот јазик, вели Костадиновска Стојчевска.

„Македонија до Токио!” изјави со насмевка продуцентот Јане Ќортошев. „Со учеството во официјалната селекција на фестивалот во Токио му овозможуваме на филмот еден прекрасен старт и сигурен сум еден навистина богат фестивалски живот“.

-Со учеството на филмот „Кајмак“ на фестивалот во Токио ќе и дадеме една дополнителна вредност на македонската кинематографија и ќе продолжиме да претставуваме македонската култура во светот. Македонската киментографија е рамо до рамо со европската. Нема граници за македонската кинематографија и заедно со Министерството за култура и нашите автори ќе продолжиме да твориме и да ја претставуваме РСМ во најдобро светло на сите можни полиња и најмногу на филмот, рече Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Манчевски го потпишува и сценариото на оваа црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот.

Инсерт од филмот „Кајмак“/ Фото: Маја Аргакијева

-Секој добар филм и уметност поаѓа од локално тло, од локален извор, содржи ДНК на местото, на културата од каде доаѓа, меѓутоа може да се ужива, да се препознае, разбере секаде во светот, особено во филмот кој има еден универзален јазик. Мислам дека е прашање на умешноста на авторот и на самата тема дали тие ќе бидат универзално препознаени или не. Се обидувам да правам „глокални“ филмови, и глобални и локални во исто време и за среќа засега ми поаѓа од рака. „Кајмак“ е црна комедија, една безобразна трагедија која се случува во денешно Скопје, а може да се случува било каде. Имавме неверојатна екипа. Глумците беа повеќе од светско ниво. Мотото на филмот е „За танго се потребни тројца“, рече режисерот и сценарист Милчо Манчевски.

Интригантната приказна насловена по кајмакот од скопското пазарче се снимаше во текот на летото минатата година, во одлична атмосфера и со професионална актерска екипа.

Александар Микиќ и Милчо Манчевски
Манчевски со Александар Микиќ, еден од главните ликови во филмот „Кајмак“/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во филмот игра искусна актерска екипа: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Манчевски со актерската екипа од „Кајмак“/ Фото: Маја Аргакијева

Дански, холандски и хрватски копродуценти на филмот на Манчевски

За „Кајмак“ Агенцијата за филм на Северна Македонија обезбеди 48 проценти од буџетот, а поголем дел од финансиите доаѓаат од странство, од државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од најреномираниот европски фонд Еуроимаж. Во екипата се вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија и Србија.

Дански копродуцент на „Кајмак” е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист” и „Меланхолија” на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера” и на „Сопругата” со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, една од најискусните холандски продуценти („Мандерлеј”, „Догвил” и „Танчер во мракот” на Ларс Фон Трир и „Сè е тоа за љубов” на Томас Винтерберг). Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот Дејниш стринг квартет, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.

Главни партнери на филмот се Алкалоид, НЛБ Банка и Виза, и партнерите на филмот Окта, Тиквеш, Витаминка и Дајмонд оф Скопје. Филмот е помогнат од бројни домашни и странски поединци и компании.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот