ВИДЕО | ЦИВИЛ констатира нерегуларности, политичка злоупотреба на деца и непочитување на ковид-мерките во кампањата

Џабир Дерала
Џабир Дерала / Фото: Скриншот, ЦИВИЛ медиа

Претседателот на Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје Џабир Дерала на денешната прес-конференција информираше за констатирани нерегуларности, случаи на политичка злоупотреба на деца и непочитување на мерките за заштита од ковид-19 за време на изборната кампања за локалните избори.

Според извори на Цивил, раководител испраќал СМС пораки до вработените во една образовна установа за задолжително присуство на предизборен собир на ДУИ, а под зголемен притисок биле вработение кои немаат решенија за постојан работен однос. Од Цивил велат дека имаат докази за случајот, кој го разгледува нивниот правен експертски тим за дополнителни толкувања.

Од Цивил ги потсетуваат политичките партии дека ваквите постапки се во спротивност со Изборниот законик и со Етичкиот кодекс што го потпишаа сите партии и бараат од партиите и нивните раководства да се откажат од заканите и притисоците како средство за убедување на граѓаните да гласаат за нив.

Дерала информира дека ги следат случаите на говор на омраза, дезинформации, манипулации со фактите на социјалните мрежи и во дел од медиумите. Според него, дел од објавите на социјалните мрежи пред се доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица, од нивни поддржувачи и членови.

– Препознатлива е методологијата, па и редовните коментирачи на социјалните мрежи. Цивил во своите анализи доаѓа до констатацијата дека во погон е ставена организирана мрежа од медиуми и профили на социјалните мрежи кои шират дезинформации и говор на омраза со цел да ја заплашат или манипулираат јавноста, заклучи Дерала.

Тој посочи дека Цивил констатирал оти не се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 на собирите на Левица, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Констатирале политичка злоупотреба на деца, при настапот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Куманово на оваа партија Тони Михајловски на митингот на 27 септември, кака и од страна на лидерот на Партијата за демократски просперитет на Ромите, Аксел Ахмедовски кој, според Дерала, објавил фотографии со деца на Фејсбук во изборен контекст на 30 септември.

Откако заврши пописот, според Цивил, се бележат манипулации и говор на омраза поврзани со пописот, а упатени кон властите за да се дискредитираат политичките противници и во изборната трка.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот