Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Четиринаесетгодишен гениј урна шест математички рекорди во еден ден

Ааријан Шукла, 14-годишен гениј од Махараштра, Индија, ја остави публиката без зборови кога постави рекорд за најбрзо собирање од 50 петцифрени броеви во италијанското ТВ шоу „Lo Show Dei Record“. Собирањето, се разбира, го направи без никакви помагала, само со помнење. Овој „човечки калкулатор“ прави пресметки во својата глава побрзо отколку што им треба на повеќето луѓе за да ги внесат во калкулатор, пренесува „Јаху“.

Успеал да собере 50 петцифрени броеви за само 25,19 секунди – околу едно собирање на секои половина секунда! Ова се случи пред околу една година, а оттогаш Ааријан тренира, се натпреварува и ги поместува своите и светските граници секој ден.

Гинисовата книга на рекорди го покани во Дубаи да се обиде да собори некои од најтешките светски ментални аритметички рекорди. За само еден ден постигна импресивни шест рекорди:

– Најбрзо собирање на 100 четирицифрени броеви – 30,9 секунди
– Најбрзо собирање на 200 четирицифрени броеви – 1 минута и 9,68 секунди
– Најбрзо собирање на 50 петцифрени броеви – 18,71 секунди
– Најбрзо делење на 20-цифрен број со 10-цифрен број – 5 минути и 42 секунди
– Најбрзо множење на два петцифрени броја – 51,69 секунди
– Најбрзо множење на два осумцифрени броја – 2 минути и 35,41 секунди

Зборувајќи за неговата секојдневна рутина, Аарјан изјави за Гинисовата книга на рекорди: „Дневното вежбање е еден од важните аспекти на подготовката за натпревари, па затоа вежбам пет до шест часа секој ден“. Како човечки калкулатор кој решава исклучително тешки математички задачи со неверојатна брзина, Ааријан често се обидува да објасни што се случува во неговиот ум во овие клучни моменти.

Иако секојдневната пракса, заедно со училишните задачи, го држи доста зафатен, Ааријан верува дека релаксацијата е важна за одржување на рамнотежа. „Медитацијата со Сахаја Јога ми помага да останам смирен и фокусиран“, вели тој.

Во слободното време, Ааријан сака да чита книги, особено авантуристички и мистериозни романи и да игра видео игри и крикет. „Исто така, сакам да патувам, а благодарение на менталната математика, патувам во многу земји“, додава тој.

Неговите родители многу рано го откриле неговиот талент. Мајката на Аарјан рече: „Од детството, тој беше многу добар со бројките. Сакаше да учи и да си игра со нив. На шестгодишна возраст, тој почна да вежба ментална аритметика и беше многу добар, па почнавме да ја истражуваме таа област“.

„На осум години отидовме на меѓународен натпревар, каде што тој освои медали и трофеи, што беа големи достигнувања“, додаде таа. Оттогаш, Ааријан стана светски шампион, како и еден од основачите и членовите на одборот на Глобалната асоцијација за ментални калкулатори (GMCA).

Кога го прашале дали се грижи за уникатните способности на неговиот син на толку рана возраст, неговиот татко одговорил: „Аријан ужива во бројките и менталните пресметки. Нашата улога како родители е да се погрижиме тој да не биде преоптоварен и под стрес додека вежба“.

Интересно е тоа што извонредните математички вештини на Ааријан не ги поседува никој друг во семејството. Неговиот татко потврди: „Ние сме нормално семејство. Аариан е еден од милијарда, но мислам дека не сме семејство на ментални калкулатори“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот