ВИДЕО: Челси е првиот финалист во ФА купот!
Денеска на стадионот „Вембли“ во Лондон во првото полуфинале од англискиот ФА куп составот на Челси славеше со 1:0 против Манчестер сити.
Стрелец на единствениот гол за триумф на „сините“ беше мароканскиот интернационалец Хаким Зијеш во 55 минута после асистенцијата на Тимо Вернер. Уште од самиот старт на мечот екипата на Томас Тухел покажа голема иницијатива и желба прва да дојде до позитива, убава шанса пропушти Бен Чилвел, не долго откако на Зијеш му беше поништен гол поради офсајд.
И после неговиот погодок Мароканецот можеше и по вторпат да се запише во листата на стрелците, но резервниот чувар на мрежата на „граѓаните“ го прочита обидот. Како што се ближеше дуелот кон самиот крај, така сè повеќе беше поголем притисокот на Сити околу голот на Челси, а една сомнителна ситуација се случи во 80 минута кога главниот судија Мајк Дин после ВАР снимката донесе одлука дека немаше елементи да се досуди пенал за тимот на Пеп Гвардиола.
Претходно додатен проблем за шпанскиот стратег беше повредата на зглобот на Кевин Де Брујн по што во 48 минута Белгиецот мораше да го напушти теренот, а во игра влезе Фил Фоден. Во финишот од мечот Стерлинг имаше одлична можност да го израмни резултатот, но не успеа во својата намера.
В недела е втората полуфинална двојка, силите ќе ги одмерат Лестер сити и Саутемптон со почеток од 19.30 часот. Финалето е на 15 мај 2021 година на „Вембли“.