ВИДЕО | Булеварот пред Народна банка како изорана нива, итно му треба нова реконструкција

Улица кај НБРСМ / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Арсовска се пофали дека булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ е реконструиран по светски стандарди, но слабостите се покажаа после 8-9 месеци кога започна избраздувањето на новиот асфалт.

По неполни две години откако е реконструиран, на булеварот Кузман Јосифовски Питу итно му е потребна нова реконструкција. Граѓаните што секојдневно ја минуваат оваа делница, на потегот од Железничка станица па покрај Народна банка до крстосницата со булеварот Кочо Рацин, велат дека состојбата на асфалтот е ужасна, исто каква што беше пред обновата, можеби со некоја дупка помалку, но со бразди како изорана нива.

Што реконструкција ќе беше ова, асфалтот да не издржи ниту година. Или не знаат да работат или користат неквалитетни материјали, друго нема. Ај што ги искршивме колите, туку и камења од бубрезите извадивме секојдневно минувајќи тука. Шегата настрана, Град Скопје потроши еден куп пари, два месеца го кочеа сообраќајот и резултатот е нула. Сега пак нека си се фатат за работа, кога веќе не може од првпат како што треба да се сработи – реагираше во нашата редакција Мартин Д.

Булеварот, кој е во надлежност на Град Скопје, последен пат се реконструираше есента во 2022 година, а градежните работи повеќе од два месеца предизвикуваа колапс на сообраќајот, колони возила и нервози кај граѓаните што се обидуваа со автомобили да стигнат од Аеродром до центарот на градот. Заглавуваа и автобусите, кои и онака не доаѓаа ниту тогаш ниту сега навреме. Доколку Градот се реши за нова реконструкција, истите маки повторно ги чекаат скопјани.

Улица кај НБРСМ / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Реконструкцијата се изведе во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, а во декември, кога заврши, таа се пофали дека обновениот булевар ги исполнува сите светски стандарди.

 Скопје мора да биде метропола со широки, безбедни и стандардизирани булевари и улици. Патната инфраструктура на која досега реагираа граѓаните дека е деформирана и небезбедна, сега целосно и темелно се реконструира. Овој булевар се реализираше по цена од 17 милиони денари, со постапка на јавна набавка на која учествуваа 11 компании, со што се постигна заштеда на градскиот буџет од над 40%, заштеда што ќе се искористи за реализација на друг проект. Модерно Скопје значи посветена работа, стандардизација и системски решенија – тврдеше Арсовска.

„Светските стандарди“ што ги истакнуваше градоначалничката, ги покажаа своите слабости за осум-девет месеци кога почна избраздувањето на новиот асфалт, а се отвори и дупка што во знак на предупредување кон возачите, некој граѓанин ја украси со цвеќе.

Лентата што води покрај Народна банка беше реконструирана и во 2014 години во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски. Таа обнова траеше малку подолго.

Скопјани посакуваат да се движат по безбедни, широки и средени улици, не сакаат секојдневно да заглавуваат во сообраќајот по улиците што само се асфалтираат и тоа лошо, а не се работи на проширување за да се овозможи поголем проток на сообраќај.

Се разбира, сакаат реконструкции и подновување на патната мрежа, но тоа да се изведува квалитетно и навистина по стандарди. Затоа што трошењето милиони денари од градскиот буџет, кој го полнат скопјани, за зафати со рок на траење од неколку месеци, е далеку од она што би требало да биде модерно Скопје. И надвор е од сите стандарди, светски или балкански сеедно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот