ВИДЕО: Брегзит часовникот повеќе не отчукува

„Часовникот веќе не отчукува.”

Ова беа речиси првите зборови на главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние откако објави дека штотуку е постигнат договор за трговија и безбедност меѓу ЕУ и Велика Британија.

Нема повеќе закани за „без договор”, нема веќе речиси болна неизвесност за идните односи преку Канал. Тоа беше историски момент.

Фер и избалансиран договор за двете страни, соопшти Европската комисија.

Британските медиуми сепак воочија голема разлика во тонот меѓу триумфалистичката објава на премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон и трезвената изјава на Европска комисија.

За Џонсон, 1 јануари најавува еден вид повторно раѓање за Велика Британија надвор од ЕУ.

За Брисел, целиот овој процес на преговори беше – како што сумираше министерот за Европа на Финска – вежба за ограничување на штетата.

Гласањето за Брегзит во 2016 година, што доведе до губење на една ваква клучна земја-членка, беше огромна шлаканица за ЕУ.

Нејзина цел од тогаш е да потпише договор со Велика Британија кој ги штити деловните и безбедносните интереси на Унијата – но не толку поволен за да не ги доведе во искушение другите земји-членки да го напуштат блокот.

Францускиот претседател Емануел Макрон по склучувањето на договорот коментираше дека ЕУ беше во право што остана „цврста и обединета” по гласањето за Брегзит. Тој рече дека сега сите можат гордо да гледаат во иднината.

Но, ова во никој случај не е крај на разговорот меѓу ЕУ и Велика Британија.

Договорот сепак мора да биде ратификуван.

Текстот мора да биде одобрен од главните градови на ЕУ пред крајот на годината. Секоја земја има право на вето, иако не се очекува да го искористи тоа. Барние и тимот постојано сите ги држеа блиску и сите држеа чекор со текот со преговорите.

Истото важи и за Европскиот парламент. Тој се очекува да го ратификува договорот на почетокот на следната година.

До тој момент, договорот ќе биде усвоен привремено, како што е дозволено според законот на ЕУ.

Нова година е кога ќе почнеме да откриваме што навистина значи Брегзит. Ние навистина не знаеме какво е чувството сè уште, какво влијание ќе има врз целиот наш живот.

Граѓаните на Европа и на Островот сè уште не знаат што всушност значи договорот, како ќе го почуватсвуваат и какво влијание ќе има врз нивните животи.

Преодниот период ги одржуваше односите ЕУ-Велика Британија приближно исти во практична смисла, но сето тоа завршува на 31 декември.

Едноставно кажано, Британија е надвор од царинската унија на ЕУ и единствениот пазар. Од следната година ќе има значителни нетарифни бариери.

Британските експерти предупредуваат дека Велика Британија е услужна економија, но овој договор воопшто не се занимава со услуги.

Финансиските служби во Велика Британија мора да почекаат, можеби уште со месеци, ЕУ еднострано да одлучи каков пристап може да имаат до единствениот пазар.

Велика Британија исто така нетрпеливо чека одговор од ЕУ за адекватноста на податоците – колку може да биде слободен протокот на податоци меѓу двете страни.

И покрај олеснувањето што го изразија голем број лидери на ЕУ за конечното склучување на трговскиот договор, Унијата ги започнува своите нови односи со Велика Британија во доста дефанзивна, претпазлива состојба на умот, коментираат експертите.

Лидерите на ЕУ не ги заборавија контроверзните клаузули што Владата на Велика Британија ги воведе во нацрт-законот за внатрешен пазар оваа есен, спротивставувајќи се на договорот за Брегзит, потпишан со нив пред помалку од една година.

Поради тоа, ЕУ соопшти дека се залага за строги механизми за одмазда во овој трговски договор – во случај Велика Британија да не се држи до својот дел од зделката (и обратно, се разбира).

Според локалните медиуми, претпоставка на Брисел е дека Велика Британија ќе сака да се размине и да отстапи од гравитациските сили што ја влечат кон ЕУ веднаш штом смета дека е соодветно.

Беше прилично извонредно достигнување на двата тима за преговори што успеаја да ги усогласат многу различните приоритети на двете страни. За владата: да може да каже дека го заштитила националниот суверенитет по Брегзит, избегнувајќи потпишување на нова книга со правила на Брисел во замена за трговски договор.

Главниот фокус на ЕУ беше заштита на единствениот пазар од она што се плашеа дека може да биде нелојална конкуренција од бизнисите во Велика Британија, агресивно поткопувајќи ги нивните европски ривали.

Подготвен во рерна и сварен до совршенство? Брзан за да биде комплетиран за рекордни девет месеци, овој договор очигледно нема да биде беспрекорен, коментираат експертите.

„Сите ѓаволи во деталите од 1.800 страници, од кои некои дозволуваат различни толкувања на теми од двете страни, ќе станат очигледни во наредните денови и месеци. Искрено, ниту Велика Британија ниту ЕУ не би го завршиле договорот ако не почувствуваа дека можат да го продадат на својата домашна публика како голема победа”, коментира Би-Би-Си.

Накусо

Склучен е договор за Брегзит, неколку дена пред истекот на рокот. Тоа значи дека Велика Британија и ЕУ можат да продолжат да тргуваат без дополнителни даноци за стоки – но сè уште не се знаат сите детали.

Зошто траеше толку долго? Велика Британија гласаше за напуштање на ЕУ во 2016 година и всушност си заминува на 31 јануари 2020 година, а лидерите требаше да изготват трговски договор до крајот на 2020 година.

Сите се соочуваат со големи промени во иднина. Иако станува збор за трговски договор што е склучен, ќе има промени и во начинот на патување меѓу ЕУ и Велика Британија и во начинот на живеење и работа.

Извор.МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот