ВИДЕО: Браво „рисови“, Барди и Николов за победа на Македонија против Гибралтар

Македонија ја запиша првата победа во Лигата „Ц“/Фото: instagram.com/FFMacedonia/

Вечерва на стадионот „Викторија“ македонската А репрезентација го запиша првиот триумф во Лигата „Ц“ од Лигата на нации против Гибралтар со конечен резултат 0:2.

Важен триумф за избраниците на селекторот Благоја Милевски кој како што најави доста ротираше со оглед на згуснатиот јунски распоред, бидејќи веќе за четири дена ги очекува дуелот во Скопје против Грузија.

На денешниот меч до нашиот прв гол се чекаше до 21 минута кога по еден изведен корнер на Барди кој го пронајде Алиоски, овој ја врати топката до играчот на шпанскиот Леванте кој се ослободи од неколку противнички играчи и од непосредна близина убаво стрелаше во домашната мрежа. За Барди ова е вкупно 10 гол во националниот дрес.

Позитивата до паузата можеше да биде уште поголема, на самиот старт Трајковски постигна гол, но истиот беше поништен поради мал офсајд. А само неколку минути М. Ристовски можеше да се запише во листата на стрелците, но ја погоди пречката.

Пред голот на Барди можеше да се случи голем шок за нашата селекција, во 18 минута Муслиу невнимателно реагираше, во намерата да ја врати топката до голманот Илиев, не виде дека во близина се наоѓа домашен играч кој ја украде топката се најде во идеална шанса, но за наша среќа го погоди надворешниот дел од мрежата.

Пред крајот на првото полувреме Спировски упати еден силен удар, а со крајни напори одбрани голманот на Гибралтар Колинг. Во вториот дел Гибралтар играше нешто подобро, со повеќе закани кон нашиот гол, но Илиев не дозволи ниту еднаш да биде матиран.

До вториот гол чекавме до 84 минута, Барди започна нова акција, го пронајде Дор. Бабунски кој со убаво чувство ја упати топката до Николов, а овојпат ја искористи невнимателноста во домашната одбрана и стрелаше во мрежата на Гибралтар за поставување на конечниот епилог.

За Николов ова е четврти погодок за македонската А репрезентација.

За Македонија играа: Илиев, Тодоровски, Серафимов, Муслиу, Алиоски (Ашковски 65`), Николов, Спировски (Ристевски 46`), Барди, Елмас (Дав. Бабунски 65`), Трајковски (Миовски 57`), М. Ристовски (Дор. Бабунски 57`).

Лига на нации

Лига „Ц“, група 4

2. коло

Гибралтар – Македонија 0:2
20.45 часот Бугарија – Грузија

Табела: Македонија 4 бодови, Грузија 3, Бугарија 1, Гибралтар 0.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот