ВИДЕО: Ботаничка градина во Расадник, градски превоз по пловен Вардар, подземни улици – амбициозни планови на кандидатите за скопски градоначалник

Дебата на кандидатите за градоначалник на Скопје / 27 септември 2021 / фото: ТВ24/принтскрин

Досега најголем број кандидати, вкупно дванаесетмина, влегоа во трката за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори.

Покрај актуелниот градски татко Петре Шилегов, за функцијата ќе се борат: Данела Арсовска, како независен кандидат со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, Ана Петровска, како независен кандидат на движењето „Зелен хуман град“, Александар Тортевски од Твоја партија, Тодор Ношпал од Интегра, Љубомир Јосифовски од партијата Демократи, Горан Арсовски од Комунистичката партија, Мунир Колашинац од Бошњачкиот демократски сојуз, Петар Георгиевски, поддржан од Левица, Арбен Бени Шаќири од коалицијата ДОМ-ЛДП, Владимир Трајковски од Родина Македонија и Славе Несторовски од ТМРО.

Кандидатите ги соочија своите планови и визии за иднината на Скопје на дебата на телевизијата 24, чиј прв дел беше емитуван вчера,  а второто продолжение – вечерва. Можеа да се слушнат амбициозни, дури и грандиозни планови и ветувања – од бесплатен градски превоз, до визии за пловен Вардар, „магнетни возови“ и ботаничка градина во Расадник.

Најамбициозните проекти кои беа најавени се поврзани со екологијата, сообраќајот и урбанизмот, за кои повеќето кандидати се сложија дека се најгорливите проблеми на главниот град.

Тодор Ношпал рече дека проблемот со Вардариште може да се реши со изградба на парк и фабрика за рециклажа.

„Решението е парк и ако треба да се потрошат 40 милиони евра, тоа да биде за изработка на една фабрика за преработка на пластика и стакло и таму да се исчисти и да биде тоа еколошка зона“, рече тој, додавајќи дека градскиот превоз во Скопје треба да се развива во насока на современите трендови, кои вклучуваат „магнетни возови“..

Данела Арсовска вети дека ако биде избрана, ќе воведе „бесплатен јавен превоз за сите скопјани и понуда на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили“.

На местото на планираните станбени згради во населбата Кисела Вода, според Петар Георгиевски, треба да се направи ботаничка градина во Расадник.

„Ние за да ги забраниме урбаните мафиозите да градат, во Расадник ќе направиме ботаничка градина која нема да ја откорнат и ќе го облагородиме просторот. Универзалната сала ќе се врати, Луна-паркот, Саемот и сите оние кои се занимаваат со спорт“, рече Георгиевски.

Шилегов се осврна на загадувањето на воздухот, посочувајќи дека неговата администрација спровела 40 нови мерки за да се реши овој проблем, меѓу кои е новиот концепт за третман на комуналниот отпад, со субвенциите за инвертер клима денес чадат 5.000 оџаци помалку, како и дека со субвенциите за велосипеди и тротинети Скопје денес е побогато за 15.000 велосипеди и над 600 тротинети.

Вардариште е исто така во фокусот на Ана Петровска, која најави и проект за вертикално зеленило на одредени фасади од згради во центарот.

„Вардариште е рак-рана на градот, каде постојано се гори и се загадува. Тука треба да има сериозна контрола и тоа треба да се ревитализира“, посочи Петровска.

„Имаме нуклеарна бомба во градот и никој не ја споменува“, рече за Вардариште Љубомир Јосифовски, кој рече дека за Градот, кога е во прашање здравјето на граѓаните, не би смееле да претставуваат проблем потребните 25 до 40 милиони евра за санација на депонијата.

„Најважно ни е здравјето и таму постои локација која требаше да се дислоцира. Проблем нема со пари, ќе се најдат, во прашање е здравјето. Вардариште треба да биде дислоцирано. Изборот на градоначалник е сериозна тема и на Скопје му треба промени. Јас сум разочаран од она што се случува во градот. Ова владеење во градот не смее да продолжи“, вели Јосифовски.

Горан Арсовски од Комунистичката партија предлага Вардар да се направи пловен од Ѓорче Петров до Лисиче, а по реката да пловат бродови кои ќе служат за градски превоз за жителите на главниот град. Тој исто така најави бесплатен паркинг на целата територија на градот, како и 50 проценти пониски сметки за вода и давачки за комуналии.

Според Александар Тортевски, важен чекор за решение на сообраќајниот хаос во центарот на Скопје е изградба на подземна улица од Црвениот крст до булеварот „Свети Кирил и Методиј“. Тој рече и дека има план за проблемот со сметот.

„Твоја партија има комплетен проект за целосен мониторинг на целиот град каде граѓаните фрлаат смет. Вардариште ќе биде под целосен мониторинг со дронови и снимката ќе оди на три места, ќе се лоцираат тие што фрлаат смет“, рече тој.

Владимир Трајковски вети дека ќе ги укине „ковид-фашистичките мерки“, потег на кој, според него, веќе работел правниот тим на неговата партија.

Мунир Колашинац, пак, рече дека негов приоритет е Скопје да се направи „град со нула корупција“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот