ВИДЕО | Бошко Јакшиќ: Вучиќ говореше со помирлив тон, Србите сѐ помалку се плашат

„Луѓето во Србија сѐ помалку се плашат и масовно протестираа против тоа да бидат принудени да присуствуваат на овој митинг“, вели политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ по вечерашниот голем собир на владејачката СНС и претседателот Александар Вучиќ во Белград.
Владини претставници и одредени луѓе од јавниот живот од митингот повикаа на единство на Србите, а можеа да се слушнат и повици за одбрана на Косово.
Собирот требаше да биде одговорот на власта на масовните протести „Србија против насилството“, организирани од српската опозиција по двата случаја на масовни убиства во земјата, во училиштето во Белград и кај Младеновац.
Политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ во разговор за „Ал Џазира Балканс“ вели дека не верува оти ова бил, како што беше најавено, „најголемиот собир во историјата на Србија“.
„Апсолутно најважно е тоа што овој собир покажа појава на нов феномен“, вели аналитичарот.
„Луѓето во Србија сѐ помалку се плашат и масовно протестираа против тоа да бидат принудени да присуствуваат на овој собир“, смета Јакшиќ, додавајќи дека Вучиќ и понатаму не се однесува како претседател на сите српски граѓани, но дека одговорот што ќе го добие од граѓаните ќе го видиме во сабота, кога ќе се одржи четвртиот протест „Србија против насилството“, во организација на опозицијата.
Политичкиот аналитичар додава дека тоа дали Вучиќ успеал во намерата да го организира најголемиот народен собир досега, сепак, е помалку важно од она што се слушнало во неговиот говор.
„Не слушнавме ништо особено ново, освен дека од утре заминува од чело на Српската напредна партија и дека во јуни го основа Движењето за народот и државата, кое во суштина е сурогат партија која ќе му обезбеди на Вучиќ поширока платформа во обидот да ги обедини, како што вели, интелектуалците и другите кои во голема мера недостасуваат во сегашната партиска структура. Но, тоа е и нешто што е продолжение на политичката борба на речиси идентичен начин. Затоа што сите знаеме дека Александар Вучиќ ја носи власта со себе. На која позиција и да се најде, тој ја има таа голема апсолутистичка моќ“, рече Јакшиќ во разговорот за балканската телевизиска мрежа.
Јакшиќ го нагласува „помирливиот тон“ во говорот на Вучиќ, додавајќи дека претседателот со тоа ги „поправа грешките што ги направи по двете трагедии“.