ВИДЕО | Боиченко: Во целост се согласувам меѓународна група правобранители да направи увид во Мариупол

Вадим Боиченко, градоначалник на Мариупол / Фото: Принтскрин/Јутјуб

Градоначалникот на Мариупол Вадим Боиченко, од центарот на Киев ги брифираше новинарите за состојбите во својот град кој е под целосна опсада на руската армија. Според проценките, убиени се 22.000 цивили во Мариупол. Како што соопшти градоначалникот, тоа е два пати повеќе од убиените цивили во Втората светска војна. Во првата недела, руската армија уништила 50 клучни инфраструктурни објекти и поради тоа во моментов, Мариупол е оставен без струја и вода.

Боиченко рече дека голем дел од граѓаните кои останале таму немале каде да ги закопаат мртвите тела, па тоа почнале да го прават во дворовите и на јавните површини. Со оглед на фактот дека ниту една служба не работи во градот, нема вода и канализација, во Мариупол се шири страшна миризба, а според градоначалникот, ова може да предизвика зарази и нова пандемија. Граѓаните кои се останати во градот се практично заложници.

Иако во април имаше договорено евакуација, сепак руските војници не им дозволиле на граѓаните да го напуштат градот кога тие пристигнале со цивилни возила до рускиот „чек поинт“. Боиченко вели дека руската пропаганда е на големо активна и дека на оние кои останале им се даваат руски документи, а оние кои ги одбиваат се убивани. Тој се заблагодари на сите кои одбиваат да се потчинат на рускиот администратор и вети дека украинската влада прави се за да ги ослободи.

Во моментов околу 100.000 цивили се заглавени во Мариупол. Боиченко побара помош од меѓународната јавност за да се ослободат овие жители. „Утрински брифинг“ го праша градоначалникот што мисли за предлогот на македонскиот Омбудсман да се направи меѓународна група правобранители кои би направиле увид во градот како се држат цивилите, но и увид на местата кадешто се држат воените заробеници, на што Боиченко одговори дека во целост го поддржува таквиот предлог. Тој додаде дека цивилите кои се држат како заложници се чуваат на темно, а само еднаш дневно им е дозволено да одат во тоалет или да се напијат вода. Русите веќе направиле и таканаречени судови за цивилите кои одбиваат да се потчинат и ги судат до 10 години затвор.

Според градоначалникот, Русите уништуваат докази за воени злосторства во Мариупол, а досега украинското обвинителство има индиции и истражува 236 воени злосторства против цивили во овој град. Боиченко додаде дека дел од евакуираните сведочат за ваквите злосторства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот