ВИДЕО | Белопета: Во сивилото на секојдневието на СЏФ сепак гледаме насмеани лица

Оливер Белопета / Утрински брифинг

Ретки се оние луѓе пред кои ние новинарите можеме да се поклониме. Еден од нив е Оливер Белопета кој успеа годинава да стаса до организирање на 40 издание на Скопски џез фестивал.

Сашо Орданоски и Оливер Белопета / Утрински брифинг

-Веројатно кога ќе помислам на тие 40 години веројатно виновник е времето што брзо лето.

Имате каталог со фестивалските плакати и изложба, а шефот на љубљанскиот џез фестивал вели дека Скопскиот џез фестивал е најдобриот во регионот.

-Многу сум задоволен од 40-то издание оти тоа стигна преку многу премрежја. Ваков фестивал не може да функционира без извесна доза ентузијазам, а годинава тој беше засилен со прилично голема доза на инает. Програмата ја правевме во мај, кога имавме ковид нула, а некои прогнозираа дека ќе има нов бран. Ние планиравме како да ќе нема ковид и бевме едни од ретките кои планиравме како да ќе има отворање, како што и се случи.

-Избегнувам да кажам дека фестивалот е исклучително високо рангиран и во Европа. Се трудиме со екипата да го одржуваме високиот ранг и на програмата и на дизајните на плакатите што го доживувам како посебна програма. Дизајнот останува подолго во сеќавање отколку самата програма, пишува во каталогот директорот на љубљанскиот џез фестивал. Но познато е во светот дека е еден од трите со најдобри дизајни. Нашите плакати имаат освојувано многу награди на маркетиншките фестивали, вели Оливер Белопета.

Ова е четврта генерација на публика, млада, урбана публика, луѓе кои знаат јазици. Влијае ли таа промена врз програмата?

-Програмски фестивалот направи исчекор да ги следи светските трендови на авангарден џез, на експериментална музика. Но интересно е што во овие десет години публиката стана уште попостојана, со една млада музика која исполнува добар дел од публиката. Германија и Белгија, на пример, имаат проблем што имаат речиси исклучиво стара публика. Настојуваме да провлечеме млада публика. Ако имаме добра програма имаме и добра публика. Годинава ме изненади што во ова наше сивило, полно со нерасположени лица, имаше добро дружење на паузите и при влегувањето и излегувањето. Тоа беа расположени лица, вели Белопета.

Во ноември следува Оф фест. Повторно една недела џез. Зошто сѐ се случува во зима?

-Ние и немаме соодветни летни сцени. Оф фест има термин во јуни, но годинава моравме да го одложиме поради сила на приликите, додава Белопета за Утрински брифинг.

Целиот разговор погледнете го во видеото

Видео на денот