ВИДЕО: Бандити со секири и чекани сред бел ден ограбуваат златарница во Англија и бегаат со џип

Драматична снимка од вооружен грабеж кој се случил вчера околу пладне во златарница во англискиот град Лидс, е објавена од британските медиуми. На видеото се гледаат маскирани бандити, кои пред очите на многубројните минувачи, со секири и чекани го кршат излогот на продавницата за накит, ги полнат торбите, по што мирно влегуваат во црн џип „Мерцедес“ и тргнуваат, но кусо потоа запираат, а четвртиот член од бандата трча кон возилото.
Разбојниците по грабежот се обиделе да ги сокријат трагите, напуштајќи го џипот и влегувајќи во „Порше“. Но, полицијата цело време ги следела од хеликоптер. Тие набрзо се судриле со автомобилот, по што продолжиле да бегаат пеш, пренесува „Дејли Мејл“.
„Црниот џип е пронајден напуштен, додека сребреното „Порше 911“ исто така е пронајдено напуштено, откако учествувало во судир на патот Вајтхол во Лидс. Се претпоставува дека двете возила се украдени. Двајца мажи се уапсени и моментално се во притвор“, соопшти полицијата во Западен Јоркшир.
Очевидец откри детали од полициската потера.
„Разбојниците се поделија во две групи и менуваа автомобили, но хеликоптерот веќе беше кренат. Сребреното „Порше“ се судри пред мојата фирма, возачот побегна, но набргу го фатија“, им раскажал тој на медиумите.