Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден вети помош за сите Американци засегнати од економската криза што неговиот иден министер за финансии Џенет Јелен ја нарече американска трагедија.
Бидејќи пандемијата со ковид-19 во пролетта ја предизвика најтешката криза од 1929 година и Бајден го повика Конгресот да донесе силна програма за помош без одлагање.
-Ја испраќаме оваа порака до сите што се борат сега: Помошта доаѓа, рече Бајден од седиштето во Вилмингтон, Делавер, каде го претстави својот економски тим.
-Толку многу луѓе едвај се прехрануваат и плаќаат сметки и кирија. Тоа е американска трагедија, рече Јелен, идниот министер за финансии.
„Оваа помош мора да биде брза“
Бајден состави тим кој претежно се состои од жени, припадници на малцинства и членови на администрацијата на Барак Обама. Според него, станува збор за луѓе кои ќе знаат да се справат со предизвиците со кои се соочува американската економија.
-Треба да дејствуваме што е можно побрзо, за рецесијата да не се храни себеси и да направи уште поголема штета- додаде Јелен, поранешниот претседател на Федералните резерви на САД.
За милиони Американци кои останаа без работа и чие работно време е скратено, оваа помош мора да биде брза, заклучи Бајден, повторувајќи го своето предизборно ветување за создавање добро платени работни места и намалување на нееднаквоста.