ВИДЕО | „Аваја“: Очекуваме пописот да покаже дека во Македонија живеат 4 проценти Роми

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Неколку инциденти поврзани со попишувањето на ромското население ставаат сенка врз пописот. Нотираме инциденти кои се однесуваат на непопишување на Роми како Роми, како и на правење притисок да се попишуваат како друга националност. Ова денеска во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ го истакна Дениз Селмани од движењето „Аваја“.

–  Јасно е дека станува збор за манипулација на дел од ромското население. Тоа е поддржано од индивидуални групи кои доаѓаат од останатите етнички групи. По првиот инцидент во Велес, кога лицето кое се попишало јасно истакнало дека сака да биде попишан како Ром на пописниот лист, а конкретниот попишувач навел дека не може да го најде делот наменет за религија, јазик и етничка припадност во пописниот прашалник, случајот се повтори и во Струмица. Таму, заедно со попишувачот во домовите влегуваат и останати лица со турски знамиња и на тој начин вршат притисок врз населението да се попише како Турци. За тој случај немаме никаков одговор ниту разрешница, додека за случајот во Велес, веднаш беше разрешен попишувачот кој несоодветно си ја работеше работата. Сепак, овој инцидент отвори многу прашања, дали овој попишувач истото го направил и во други ромски семејства, дали и останати Роми сега како последица на неговото однесување не се попишани како Роми, вели Дениз Селмани од „Аваја“.

Тој нагласува дека Законот за попис во член 49 наведува дека ваквите случаи се казнуваат со казна затвор од најмалку 3 години, а внесените податоци во електронскиот пописен прашалник од страна на конкретниот попишувач ќе бидат класифицирани како неупотребливи податоци и попишаните лица треба повторно да бидат попишани.

За да се подигне свеста кај Ромите, да се попишат како Роми, движењето „Аваја“ спроведува кампања „Биди горд Ром“ во која млади Роми од различни делови од државава ги повикуваат да не се срамат од своето ромско потекло.

– Ние направивме претходно мапирање на ромските населби и се обидовме да дознаеме колку Роми живеат во тие населби, како и на национално ниво. Апелираме да престанат притисоците врз Ромите бидејќи ќе бидеме приморани да не ги признаеме бројките од пописот. Нашите очекувања се дека во Македонија има четири проценти ромско население, односно околу 100.000 Роми. Со оглед на тоа што ја имаме стратегијата за Роми, од огромно значење ќе биде пописот да го покаже реалниот број на Роми кои живеат во Македонија. На тој начин  државата ќе може да креира политики кои се засноваат на докази, вели Селмани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот