ВИДЕО| Архитектот Муча: Скопје има лоша архитектура поради лошите клиенти

Архитектот Бујар Муча по чиј што проект ќе се реконструира Универзална сала денеска во Утрински брифинг зборуваше за лошата архитектура во Скопје и за тоа како се случила соработката со Град Скопје.

Иницијативата да доставиме проект беше наша. Ние како проектанстко биро изминативе години имаме големо искуство во проектирање на објекти од ваков вид, како што е Албанскиот театар, театарот во Тетово, реконструкцијата на Музејот на современа уметност, регионалната библиотека во Гнилане и затоа сметавме дека сме способни да го направиме и овој проект. Бевме поттикнати од емотивни причини бидејќи сме скопјани и на овој објект повеќе гледаме од аспект на емотивна вредност отколку од аспект на архитектонска вредност. Од друга страна, ако чекавме да се распише конкурс ќе се изгубевме во лавиринтот на негативните аукции, со кои имаме лошо искуство, како и со некомпетентни и корумпирани комисии. Затоа одвоивме еден сериозен финансиски дел за да направиме нови алатки, и да покажеме дека архитектонскиот труд сепак вреди. Од кабинетот на градоначалникот добивме многу брз позитивен одговор, и идејниот проект го изработивме за три недели и тоа бесплатно, рече Муча.

Долгогодишниот архитект смета дека во Скопје има многу добри архитекти но има многу лоши клиенти, поради што страда архитектурата во градот.

-Во Скопје има лоша архитектура, тоа можат да го видат и тие што се разбираат и тие што не се разбираат во архитектура. Но тоа не е затоа што моите колеги се лоши. Ние архитектите попуштивме во борбата да докажеме кои сме во општеството. Нас не уништува државата со распишување на конкурси со негативна аукција. Сега во светот аукциите се позитивни, само тука во Македонија ние симнуваме цена за да добиеме работа. Огромна е јамата во која паднавме поради намалувањето на цените. Мала цена значи незадоволен проектант кој не може да ги исплати своите колеги. Едноставно се прифаќа работа со ниска вредност и за мала финансиска сатисфакција, а резултат за тоа е лош производ. Од друга страна имаме и ограничување со оглед на фактот што Скопје е во сеизмичка зона, па мора да се внимава околу конструктивните елементи па поради тоа не можеме да си дадеме архитектонска слобода. Меѓутоа не се лоши архитектите, туку е лоша архитектурата поради тоа што се лоши клиентите, нагласи архитектот Бујар Муча.

Проектот ќе се состои од две фази. Првата фаза ќе се реализира многу наскоро.

-Во првата фаза ќе се направи нова обвивка на објектот, но нема да се менува формата. Ќе има мали корекции за да ги нема повеќе функционалните недоследности кои ги имаше салата. Втората фаза ќе опфати нова сценска технологија, што значи сценска техника, озвучување, ново осветлување, ново ентериерно решение, редукција на бројот на седишта и прераспределба на редови и изградба на фоаје. Ќе има и нови тоалети, нов ентериер, нови канцеларии. Нема да ја зголемуваме акустиката за да и конкурираме на Филхармонија, ова ќе остане сала во која ќе се изведуваат во најголем број музички настани, додаде Муча.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот